Туристичката агенција „Јупитер“ им се извинува на патниците и на сите што беа изложени на стрес и на паника по случувањата минатиот викенд во Истанбул.
Агенцијата соопшти дека патниците се безбедно вратени дома и оти ќе ги врати парите за нереализираните факултативи посети од Истанбул по поднесувањето на приговор во деловните простории на Т.А. „Јупитер“ во законскиот рок, поради непрофесионалност од вработен во локалниот тур-оператор.
Преку соопштение агенцијата појаснува дека средствата за сместување на македонските патници во Истанбул биле уплатени еден месец пред патувањето, но оти од непознати причини локалниот тур-оператор не ги уплатил целосно во еден од хотелите, по што настанал проблемот.
– Држењето пасоши на македонските патници е недозволиво и казниво, па затоа преставници на агенцијата повикаа претставник на конзулатот на Македонија во Истанбул, повикаа полиција и добија асистенција од Министерството за надворешни работи на Република Македонија. Менаџментот на „Јупитер“ деновиве ќе бидат контунуирано на релација Скопје – Истанбул за да се допроцесира целосната истрага во врска со незаконското држење на пасошите на нашите патници, како и да се разреши недоразбирањето со хотелот. Правдата за целиот случај ќе ја бараме на суд – велат од „Јупитер“.
Тие демантираат дека 400 луѓе биле држени во заложништво и оти се одредени казни затвор и забрани за влез во Турција на преставници од агенцијата.
Според Т.А. „Јупитер“, пред оваа биле реализирани неколку успешни тури за Истанбул, каде што отпатувале околу 900 патници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.