Министрите за надворешни работи на Австрија, Финска и на Шведска оценија дека Србија е на добар пат да влезе во Европската унија и оти се подготвени да ѝ помогнат за да стане полноправна членка.
Шефовите на дипломатиите на трите земји-членки на Унијата нагласија дека мошне позитивен факт е дека сите држави од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Србија, настојуваат да ги обединат силите во заедничка европска рамка.
Во текстот по повод 20 години од влезот на нови земји во ЕУ, кој го пренесе денеска „Политика“, министрите за надворешни работи на Австрија, Финска и на Шведска, Себастијан Курц, Ерки Туомиоја и Маргот Валстром, потсетија дека Србија денес е земја со статус на кандидат, а преговорите ги почнала минатата година.
– Секако дека усвојувањето на правилата и стандардите на ЕУ не е едноставна задача, низ тоа искуство поминале и Австрија, Финска и Шведска. За тоа се потребни реформи, не само закони, потребна е правосудна и политичка практика – се наведува во текстот.
– Србија е на добар пат, а ние сме подготвени да ѝ помогнеме за да стане полноправна членка – нагласија тројцата министри.
– Ајде заедно да продолжиме по тој пат и следните 20 години да бидат успешни не само за Австрија, Финска и за Шведска, туку и за Србија и нејзините соседи – се додава во текстот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.