| четврток, 6 декември 2018 |

Редовното и правилното миење на рацете клучно за заштита од инфекции

Хигиената на рацете е клучен момент во превенцијата од заразни заболувања, како во заедницата, така и во болнички услови

mienje-race

Неопходна е редовна и правилна хигиена на рацете со што се спречува појавата на голем број инфекции во болниците, особено на инфекции со мултирезистентни бактерии. Во Македонија и покрај тоа што од година во година се намалува процентот на случаи кај кои е изолирана инфекција со МРСА (метицилин резистентен Staphylococcus aureus), една од најзначајните мултирезистентни бактериски видови во болница, се уште е висок процентот на интрахопитални инфекции, а особено е висок бројот на лицата кај кои е изолирана МРСА.

Ова денеска го истакна Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија на одбележувањето на 5 мај, Глобален ден за хигиена на рацете. Посочи дека во 2014 година од сите изолирани стафилококни инфекции кај 34 отсто е изолирана инфекција со МРСА, а во 2013 година тој процент изнесува 41.

– Со редовна правилна хигиена на рацете се успеало во болниците во светски рамки да се намалат за 24 проценти инфекциите со МРСА. Не е само важно миењето на рацете, туку правилното миење на рацете. Неправилното миење на рацете може да биде причина за интрахоспиталните инфекции, а МРСА е една од најчестите, истакна Бошевска.

Додаде дека хигиената на рацете е клучен момент во превенцијата од заразни заболувања, како во заедницата, така и во болнички услови.

Претседателот на Здружението за интрахоспитални инфекции во Република Македонија, Ќака Поповска Јовановска рече дека нема организиран национален систем за следење на хоспиталните инфекции, но тоа не значи дека не се работи на ова поле.

Во клиниките во Скопје, посочи, работат тимови за контрола на интрахоспитални инфекции.

– Интрахоспитални инфекции најмногу се случуваат во единиците за интензивно лекување што е поврзано со категоријата на пациенти. Шок собите се и местата каде најмногу се работи на превенција. Педесет отсто од високо ризични пациенти не само кај нас, туку и насекаде во светот, се очекува дека ќе добијат интрахоспитална инфекција – додаде Поповска Јовановска.

Директорката на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри на Македонија, Аспазија Софијанова рече дека можеби некогаш терапијата која ја применуваат е скапа и важна едно дете да преживее, но најважна е хигиената на рацете која практично значи живот.

Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски рече дека антимикробната заштита, интрахоспиталните инфекции, бактериската резистенција и рационалната употреба на антибиотиците се сегменти од здравствената дејност се тесно поврзани.

Посочи дека годинава во соработка со Универзитетот Стенфорд од САД направиле еден курс, кој ќе се одвива он лајн и на кој ќе може да учествуваат сите заинтересирани медицински работници со цел да се подобри едукацијата за оваа проблематика.

Глобалниот ден за хигиена на рацете под слоганот „Јасно е. Чистите раце, спасуваат животи“ се одбележа денеска во Скопје во организација на Мултисекторска комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, Медицинскиот факултет во Скопје, Институтот за јавно здравје и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top