| четврток, 6 декември 2018 |

Гостување на писателката Алина Апостолска

unnamed

Издавачката куќа „Или-или“ го најавува гостувањето на писателката Алина Апостолска од Канада, по повод промоцијата на преводот на нејзиниот наградуван роман „Едно лето од љубов и пепел”, во среда, на 06 мај, во Францускиот културен центар со почеток во 20 часот.

„Ова е одлична можност домашните читатели да се запознаат со нашинката која зад себе има многу изданија, неретко преведувани и наградувани, и кои со нетрпение ги очекува публиката ширум светот. Книгата е во превод на Филип Илиев, во издание на „Или-или“, а нејзиното излегување е поддржано од Канадскиот совет за уметности“, велат од издавачката куќа.

Алина Апостолска е родена 1961 година во Скопје. Најголем дел од животот го поминала во Париз, а од 1998 година живее во Монтреал, Канада.

Историчарка по образование, таа работи како новинар во доменот на културата, но исто така и како издавач, предавач и организатор на настани. Има објавено околу триесетина книги за млади и возрасни. За овој роман е наградена со престижната книжевна награда на гувернерот на Канада.

“Едно лето од љубов и пепел” е приказна за Ема, млада Квебекјанка, која ги придружува своите родители на северот на Индија, посетувајќи ја тибетската заедница во прогонство, собрана околу Далај Лама. Во судир со разните култури, области и обичаи кои ја распаметуваат, таа се вљубува во Тензин, момче кое е малку повозрасно од неа, сирак од Тибетското детско село. Ема и Тензин немаат заеднички јазик освен оној универзалниот, јазикот на чувствата, на сочувството и на откривањето на интимноста. Но, зар во тишината, отаде зборовите, не се раѓаат најголемите љубовни приказни?

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top