| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Недостигот од политички дијалог ќе ѝ нанесе сериозна штета на Македонија

poposki_g1

Декларацијата на мониторинг комисијата на Советот на Европа за Македонија, се базира на некои воспоставени стандарди на ЕУ и тука дијалогот во рамки на институции или институционалниот одговор е првиот столб за надминување на криза, каква што имаме тука во делот на дијалогот меѓу политичките партии, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски.

– За нас значајно е да бидеме свесни дека недостигот на конструктивен дијалог е нешто што ќе и нанесе сериозна штета на РМ и многу тешко ќе биде да се надомести во следниот период. Клучна порака е дека треба сите да се однесуваат одоговорно и оти институциите се тие кои треба да даваат одговор и во рамки на кои треба да се случува и политичкиот дијалог,  нагласи Попоски, по барање на новинарите да ја коментира декларацијата на мониторинг комисијата на СЕ.

Оценките за одговорно однесување на сите политички чинители во врска со политичкиот дијалог, истакна Попоски, ќе бидат клучни и за тоа што можеме да очекуваме од Европската комисија до крајот на годинава и каква препорака ќе добие Македонија.

– Извештајот се подготвува и ова се клучни три месеци во кои најдлабоко ќе бидат оценувани резултатите во делот на политичкиот дијалог во РМ. Од тоа ќе зависи каква ќе биде формулацијата. Тоа што е спомнато дека има неколку месеци е можеби охрабрувачки сигнал и се разбира дека после шест последователни препораки и самата ЕК е под сериозен притисок за определен исчекор со РМ, а за нас тоа би значело почеток на преговорите, изјави шефот на македонската дипломатија.

Прашан за изјавата на евроамбасадорот Аиво Орав дека е потребно во наредните три месеци Македонија да го подобри впечатокот во спротивно ќе биде тешко да се даде нова препорака, Попоски посочи дека таа информација била споделена и при разговорите кои се водени во Брисел, а се однесува најмногу на прашањата кои можат да се решаваат дома и се независни од блокадата која ни е наметната во Советот на ЕУ од страна на најмалку една земја – членка на Унијата.

– Најмногу се работи за перцепцијата за недостаток на конструктивен политички дијалог. Во однос на таа оценка која не е техничка и математичка, туку е повеќе за начинот на кој се дискутира, институционалниот одговор на прашањата, соочување со тие прашања во рамки на институциите, е клучното за што одговорноста и при добар и при негативен резултат ќе биде споделен од сите политички чинители. Тоа ќе биде еден и единствен параметар врз основа на кој ќе може да определиме дали имаме напредок или уназадување во делот на оценките, појасни министерот Попоски.

Во врска со објавувањето на прислушуваните телефонски разговори, според Попоски, тоа мора да се гледа како целокупен процес, затоа што ЕУ се изјасни дека нема да навлегува ниту во индивидуален случај, ниту во институционалниот одговор во РМ. Она што е значајно за ЕУ, потенцира, е како ние како држава се однесуваме и како  одговараме на овие тековни предизвици, во врска со прислушувањето.

На прашањето кога ќе се одржи третата рудна разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ, Попоски рече дека не би можел да говори за датуми, затоа што во оваа фаза е значајно сите страни да покажат определена желба или мотивицација за придвижување во тој процес. Впрочем, истакна, имаме заеднички национален интерес  да не дозволиме поради недостаток на таков дијалог оние кои не сакаат да ги почнеме преговорите тоа да го искористат како изговор што е сериозен ризик во овој момент.

Во однос на предлог-мерките за градење доверба со Грција, Попоски информира дека веќе се разменети предлозите, се дефинира што е прифатливо за двете страни. Постојат мерки кои се предложени од двете страни, а би можеле да се применуваат на релативно краток временски период, и додаде оти во овој момент нема договорено заеднички план за акција за реализација на мерките за градење доверба.

Заедничка оценка е, истакна Попоски, дека имаме определен број прашања кои се гледаат како добра можност за правење заедничка платформа за мерки за градење доверба.

– Во овој момент не би сакал да навлегувам во детали што е прифатливо, а што не за двете страни. Се работи за поголем корупс на прашања, кои и во минатото биле третирани и имало иницијативи, но и сега изродени предлози, рече министерот за надворешни работи.

И во двата случаја, истакна Попоски, основна работа е тоа што во Грција се цени, а во Македонија се прифаќа дека би можеле да имаме корист доколку имаме определени чекори кои не се директно поврзани со наметнатиот спор, а кои би ја зголемиле довербата меѓу двете земји.

– Не постои ниту процес, ниту мерки кои можат да го заменат тоа што е констатирано од Меѓународниот суд на правдата дека имаме нелегално прекршување на Времената спогодба од едната страна, и од наша страна максимално ќе се посветиме на градење позитивна клима во двете земји, но не би прифатиле на тој начин да се избегне клучното прашања а тоа е фактот дека имаме продолжен период на блокада која опстокува иво НАТО и во ЕУ. Впрочем најдобро довербата ќе ја воспоставиме во двете земји во оној момент кога ќе бидеме на заедничка маса, порача шефот на македонската дипломатија.

На прашањето дали примерот со Турција се користи во случајот со Македонија, Попоски одговори дека тоа е не споредлива ситуација.

– Тука се работи за менување на определени предрасуди дека меѓу Македонија и Грција постои конфротирање на сите полиња, што не е точно. Имаме само еден проблематичен дел за наметнатиот спор за прашањето за името, рече министерот за надворешни работи.

Според Попоски, за односите со соседните земји, факт е дека со Србија имаме исклучително интензивна и отворена соработка.

– Не би рекол дека немаме со останатите соседи, имаме со висок интензитет, но  би рекол дека со Србија ги имаме надминато фазите на табу теми, нешто што би можело да служи за пример во справувањето со прашања кои ги имаме со останатите соседи, особено со оние кои се дел од ЕУ, рече министерот Попоски денеска по предавањето на амбасадорот Марк Оте, директор на Кралскиот Институт за меѓународни односи на Кралството Белгија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top