| четврток, 6 декември 2018 |

Трајанов: Изборите се одвиваат во скандинавски стил

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, по гласањето, изјави дека изборите се одвиваат нормално, во исклучителна демократска атмосфера.

– Мислам дека и така ќе помине во текот на целиот ден. Во суштина, денеска имаме две концепции. Граѓаните можат да избираат една концепција која ја промовираше власта со конкретни идеи, конкретни проекти, со кандидати за градоначалници кои долго време се подготвуваа, а другата концепција е на опозицијата, која во основа настапуваше со дискредитација на власта без програма, без конкретни проекти и идеи – изјави Трајанов.

Според него, не е битно кој ќе победи, туку е важно дека изборите се добро организирани, добро се подготвени и дека граѓаните ќе можат слободно да ја искажат својата волја.

– Би било добро Македонија како држава да победи денеска за да добиеме позитивни критики и оценки за начинот на организирање и спроведување на овие локални избори – рече Трајанов.

Тој смета дека опозицијата ќе се обиде да прикаже дека изборите биле нелегитимни и дека ќе бара одржување на предвремени парламентарни избори.

– За ДС е битно што овие избори се одвиваат навистина во скандинавски стил, без поголеми нарушувања – изјави Трајанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top