| четврток, 6 декември 2018 |

Орав: Очекуваме повеќе дела, а помалку убави зборови

orav

Во наредните денови или, можеби, недели очекуваме повеќе дела, а помалку убави зборови. Потребни се многу сериозни одлуки во наредните денови или недели, а тие што ќе ги донесат тие одлуки не треба да ги имаат предвид само партиските или личните интереси, туку предвид дека поддршката кон ЕУ треба да биде барем двапати поголема, а тоа се однесува и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Ова го порача денеска на прес-конференција евроамбасадорот Аиво Орав, во врска со актуелната политичка ситуација, а вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими оцени дека доколку не се направат поголеми чекори во смисла на надминување на сегашните предизвици што ги има Република Македонија може да се случи во октомври Еврпската комисија да не биде во состојба уште еднаш да даде препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– Дури и во случај да нема дела, туку само убави зборови, оваа земја ќе продолжи в понеделник, во јуни, јули… да биде земја кандидат, бидејќи ЕУ има препорака за почнување преговори затоа што ги исполнува критериумите од Копенхаген. Се надевам дека политичарите ќе разберат оти немаат многу време да ги решат тие прашања затоа што ние сме тука и го пишуваме новиот извештај за напредок технички, но политичарите и луѓето ја пишуваат содржината и ако не најдеме ништо позитивно за да го вклучиме, тогаш ЕК во октомври ќе биде во многу тешка ситуација дали повторно да даде препорака или не. Веруваме дека оваа одлука тогаш ќе биде многу потешка затоа што ќе нема никакво добро за да се оди напред – одговори амбасадорот Орав на новинарско прашање што ако не се случат добри дела, туку останат убави зборови.

Евроамбасадорот Орав нагласи дека ЕУ е сериозно загрижена, а тоа во дипломатскиот речник значи дека нема повеќе што да се додаде, но тоа во земјава не го доби доволното внимание, а беше во четири параграфи повторено во заклучоците на Советот на ЕУ.

– Не сме задоволни со тоа што се случува. Ова е наша работа, на странските дипломати, затоа што нашите односи со вашата земја се на многу јасен начин етаблирани, вие сте земја кандидат за членство во ЕУ и би сакале да ви помогнеме колку е можно повеќе. Во главните центри во Брисел знаат многу добро што се случува во оваа земја. Кога има разговори за Западен Балкан тогаш вашата земја е прва на агендата. САД, НАТО, ОБСЕ и ЕУ говорат со ист речник – рече Орав, потсетувајќи на усвоените заклучоци на Советот на ЕУ.

Тој нагласи дека странските дипломати се тука да ги промовираат европските вредности затоа што, рече, сте земја-кандидат, а не сме овде да поддржуваме една или друга политичка партија, туку да ги поддржиме граѓаните кои веруваат во евроатлантската интеграција на оваа земја.

– Кога говориме за европските вредности, сега сме на крстопат и во наредните денови или недели ќе се види дали има почитување или не на европските вредности. Се надевам дека оваа земја ќе се врати на евроатлантскиот пат колку е можно побргу, за што има поддршка од мнозинството граѓани – рече Орав.

Во однос на рамката на преговорите односно на политичкиот дијалог, според Орав, не е прашањето кој е медијатор, затоа што дури и Генералнито секретар на ОН Бан Ки Мун да биде, не е сигурен дека тоа ќе даде подобри резултати ако страните не предложат сериозни предлози на маса како да се надмине оваа криза. Таа рамка постои, истакна, и треба да се искористи.

Според евроамбасадорот Орав, денес луѓето на улиците, по кафетериите и насекаде зборуваат за политиката, дури и оние кои велат дека не сакаат да зборуваат размислуваат за политика. Содржина на разговорите, рече, се телефонските прислушувања, слободата на медиумите, владеењето на правото, селективната правда и борбата против корупцијата.

– Тоа се прашањата за кои ЕУ постојано говори и тие се подвлечени во извештајот за напредок – рече меѓу другото Орав, осврнувајќи се на јасната позиција на ЕУ во однос на прислушуваните разговори и на писмото до Јавниот обвинител и побара враќање на опозицијата во Парламентот.

Во врска со слободата на медиумите, посочи дека не верува оти медиумите ќе бидат послободни ако политичарите од ТВ екраните порачуваат дека медиумите се слободни. За борбата против корупцијата напомена дека дури и ако најдобрите пишувачи на говори бидат регрутирани тоа не значи дека ситуацијата со корупцијата ќе биде подобра.

На прес-конференцијата Орав побара поголема визибилност како се трошат парите од ЕУ, кои за Република Македонија изнесуваат 665 милиони евра за 2014/2020 година, за да ја доближи земјата до ЕУ.

Според вицепремиерот задолжен за евроинтеграциите Фатмир Бесими, преговорите односно политичкиот дијалог за надминување на актуелната состојба во Брисел требало да почнат многу порано.

– Се гледаат веќе импликациите, имиџот на Македонија во ЕУ веќе не е ист. За да ја вратиме довербата ни треба многу работа и поголем чекор напред – рече Бесими и апелираше заклучоците од Брисел да се сфатат сериозно во однос на политичката ситуација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top