| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Очекуваме брзо ефектуирање од средбите во Азербејџан

ivanov-2

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја оцени за успешна посетата на Азербејџан во рамки на која оствари средба со шефот на азербејџанската држава Илхам Алиев, учествуваше на 3.Глобален Баку форум и на Меѓународната конференција за човеки развој, а се обрати и на бизнис форум на кој беа претставени потенцијалите на Македонија и поволностите што се нудат за странски инвестиции, јави МИА.

Тој посочи дека на средбата со Алиев двајцата констатирале дека добрите политички односи треба да се преточат во многу поуспешни економски односи.

– Ние веќе две години во Азербејџан имаме наш економски промотор и тоа беше можност да се органиизра бизнис форумот на Азербејџанско-турската стопанска комора на кој нашите претставници на Агенцијата за странски инвестиции ги претставија можностите кои ги нуди македонското стопанство и можностите во Македонија за нивните компании да почнат бизниси и да соработуваат. Ова беше многу успешна посета и очекуваме од контактите и средбите што се остварени за време на оваа посета во најкратко време и да се ефектуираат. И претседателот Алиев најави посета на Македонија, веројатно тогаш ќе има можност и за бизнисмените од Азербејџан да ја посетат Македонија и да ги видат потенцијалите што ги нуди Македонија, рече Иванов.

Како што јави известувачот на МИА за Глобалниот Баку форум кој се одржува по трет пат, претседателот Ивнов истакна дека станува збор за форум кој настојува да прерасне на нивото на Давос и Минхенската безбедносна конференција. На собирот на кој годинава учествуваа над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет, вели, се дискутираат прашања кои не се опфатени со овие два значајни меѓународни форуми, а се однесуваат на сите предизвици на глобалниот светски поредок.

– На форумот се дебатираат прашања за Европа и нејзиното соседство, за односот на Русија кон Западот, за сите можни сценарија во Украина, за сите предизвици кои доаѓаат од радикализацијата на религиите, сите замрзнати конфликти кои постојат на планетава. Значи се зборуваше за глобални теми од глобални актери затоа што тука присуствууваат и членовите на Мадридскиот клуб и членовите на Светската академија. Со учество на Македонија на вакви форуми имаме можност да ја кажеме вистината за нас, нашата претстава за тоа како се одвиваат сите овие настани и предизвици кои ги имаме и ние кај нас, рече Иванов.

Тој денеска во Баку се обрати на Меѓународната конференција за човечки развој насловена „Рамка за нова парадигма“ во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Светската Академија за уметност и науки со што го заокружи тридневниот работен престој во Азербејџан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top