| четврток, 6 декември 2018 |

Младите македонски писатели потпишаа 6 нови договори за превод во Софија

На вториот ден од претставувањето на младите македонски прозаисти во Софија, потпишани се 6 нови договори за превод и изданија на нашите млади писатели, преку изразениот интерес од бугарските книгоиздателства „Персеј“ и „Изида“. Поттикнати од поддршката за преведување македонски автори што ја предлага нашето Министерство за култура, но и од одличното претставување на младите македонски писатели пред публиката во Софија, бугарските книгоиздателства пројавија голем интерес за објавување дела на бугарскиот книжевен пазар.
Синоќа во КИЦ на Р. Македонија во Софија се одржа и официјалното претставување на младите македонски писатели. Пред публиката во Софија нив ги претставија г-н Нове Цветаноски од книгоиздателството „Македоника литера“ кој е иницијатор и носител на овој проект и г-н Васко Шутаров од КИЦ на Р. Македонија во својство на организатор на овој настан.Пред бројни писатели, преведувачи, претставници на книгоиздателства, љубители на литературата, извадоци од свои прозни текстови читаа авторите Јулијана Величковска, Фросина Пармаковска, Михајло Свидерски, Давор Стојановски, Петар Андоновски, Живко Грозданоски и Верче Карафилоска.
Во текот на вчерашниот ден беше остварена посета на Универзитетската библиотека на софискиот универзитет, каде што нашите млади автори даруваа по еден примерок од своите дела.
За третиот ден од гостувањето ќе бидат остварени средби во Сојузот на бугарските писатели и средби со пертнери во подготовка за Саемот на книгата во Софија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top