| четврток, 6 декември 2018 |

Усвоени законските измени за зголемување на социјалната помош за 10 отсто

Собранието на Република Македонија денеска ги усвои измените на Законот за социјална заштита со кои е предвидено годинава социјалната помош да се зголеми за 10 наместо планираните пет проценти.

собрание2

По усвојувањето од Собранието, измените, според Законот, треба да стапат во сила од јули годинава. Тие треба да ја подобрат социјалната сигурност на корисниците на социјална и постојана парична помош.

Предвиденото зголемување на социјалната и постојаната парична помош за 5 проценти со законските измени се однесува на околу 35.000 корисници на социјална парична помош и на околу 5.800 корисници на постојана парична помош.

Социјалната и постојаната парична помош досега е зголемувана неколкукратно. Во 2006 година, социјалната парична помош изнесуваше 2.900 денари, а денес изнесува 4.266 денари, што претставува зголемување за 47,10 проценти. Исто така, во 2006 година износот на постојаната парична помош беше 3.695 денари, а денес тој износ е 5.392 денари односно зголемување за 45,93 проценти.

Досега за корисниците на социјална и постојана парична помош се воведени низа мерки како што се трајното ослободување од плаќање радиодифузна такса, бесплатно изготвување елаборати на дивоградбите во кои живеат, отпис на долгови, надоместоци за учениците од социјално ранливи семејства кои ќе се запишат и редовно ќе посетуваат настава во средно образование…

Во второ читање Собранието во претпладневниот дел на седницата ги усвои и измените на Законот за технолошки индустриски развојни зони, потоа измените на Законот за безбедност на храната, Законот за престанок на важењето на Законот за водните заедници, како и изменувањата и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште.

При утврдувањето на дневниот ред пратениците гласаа за Собранието по скратена постапка да расправа по законите за изменување и дополнување на законите за спортот и за архивски материјал, како и законите за изменување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна соственост и Законот за работни односи.

На дневен ред на седницата во прво читање се и Предлог законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност и платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт, како и измените на Законот за јавните набавки, Предлог законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и во општествена сопственост и измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Во рамки на седницата се и Годишниот извештај за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2014 година, извештајот за работата на Агенцијата за електронски комуникации и Предлог- одлуката за одобрување на Годишниот извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top