Деловната клима во Македонија е релативно стабилна, а постојните австриски инвеститори во земјата преземаат мерки за проширување на деловните активности, што е добар знак.
Ова го истакна Герхард Шлатл, трговското аташе во Амбасадата на Австрија во Македонија и претставник на Стопанската комора на Австрија во одговор на новинарско прашање пред почетокот на бизнис форумот меѓу македонски и австриски компании што се одржува во Стопанската комора на Македонија.
– Секоја година спроведуваме анкета меѓу австриските инвеститори кои работат во Македонија за деловната клима и би рекол дека е релативно стабилна. Интересот на австриските компании да инвестираат во Македонија може да биде и повисок. Се разбира дека секогаш има можност за подобрување и за повеќе инвеститори, но она што можам да го кажам е дека постојните инвеститори од Австрија во Македонија преземаат мерки за проширување и зголемување на деловните активности што е добар знак – изјави Шлатл.
Прашан колкаво е влијанието на актуелната политичка ситуација врз бизнисот, рече дека бизнисот секогаш сака да има стабилна и предвидлива легална рамка.
– Како претставник на трговскиот и економскиот сектор од Австриската амбасада во Македонија, но и како претставник на Стопанската комора на Австрија не можам да коментирам вакво прашање, но за развојот на деловната клима важно е да има предвидлива рамка и предвидливо опкружување во однос на законите. Она што можам да го кажам во моментов е дека според австриските фирми, тие услови во Македонија постојат – рече Шлатл.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.