Екстремистичките групи и влади кои ја ограничуваат слободата во борбата против екстремизмот го создадоа „најсмртоносниот и најопасен период за новинарите во поновата историја“, се наведува во најновиот извештај на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ).
Во годишниот извештај за слободата на печатот на њујоршкиот комитет Сирија се потенцира како многу опасно место за известување, се нагласува цензурата во текот на епидемијата на ебола, како и притворањата на новинарите во Египет и Етиопија, но и фактот дека во минатата година новинарите се користени во екстремистички пропагандни филмови, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
-Овие организации не произведуваат само видео снимки. Тие се однесуваат како конкуренти на медиумите – предупредува извештајот на групите како Исламска држава.
Извештајот, исто така, укажува на неподелената опасност што ја прават се поголемиот број слободни новинара кои ги следат и известуваат од војните речиси без никаква заштита или плата.
-Не се во прашање само животите на новинарите туку и можноста јавноста да дознае што околу нив се случува – напиша дописничката на Си-Ен-Ен Кристина Аманпур.
Таа наведе дека од 1992 година во светот се убиени повеќе од 1.000 новинари, а тоа е годината кога Комитетот за заштита на новинарите почна да ја води својата евиденција. Многумина од нив биле слободни или локални новинари.
Исламска држава во голема мерка го изгради своето име со драматичните видео снимки на отсекување глави и други убиства, но во извештајот се предупредува дека и други групи во светот користат сличен пристап за малтретирање или прикажување на сопствените капацитети.
Комитетот, исто така, ја нагласува загриженоста и недостатокот на известувања за хаосот во Либија, ограничувањата за интернетот на Блискиот исток и „суптилното оружје„ (цензурата) во Сингапур, пренесе РСЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.