Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, денеска на терен изврши увид во градежните работи од третата фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов”.
Станува збор за реконструкција и проширување на оваа сообраќајница на потегот од крстосницата со булеварот “8.Септември” до улицата “Московска”, кај студентскиот дом “Гоце Делчев”.
– Проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е уште еден капитален проект на Градот Скопје којшто ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот, намалување на метежот и скратување на времето на патување. Во моментов се гребе постојниот асфалт на оваа сообраќајница за да се нанесе порамнувачкиот асфалтен слој со дебелина од 6 сантиметри. Потоа, оваа, трета, делница од булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов” ќе се асфалтира со завршниот слој асфалт, Сплит Мастикс на вкупна површина од 19.500 квадратни метри и ќе се обележи хоризонталната сигнализација. Градежните работи на оваа важна сообраќајница влегуваат во завршна фаза и очекуваме сите градежни работи, во зависност од временските услови, да бидат готови до крајот на месец мај. Притоа, би сакал да им се извинам на граѓаните кои ја користат оваа сообраќајница за потешкотиите изминатиов период, поради доцнењето на реализацијата на овој проект поради проблеми со подземните инсталации. Сакам да апелирам до граѓаните, додека траат финалните градежни работи на оваа делница внимателно да се вклучуваат во сообраќајот и да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, кажа градоначалникот Трајановски.
Третата делница од булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов” е долга 1.600 метри, се веќе формирани 4 коловозни ленти, по две во секоја насока. Според проектот, од двете страни на проширениот коловоз се изградени тротоари со ширина од по 3,5 метри, со вкупна површина од 9.550 метри, коишто се покриени со павер-елементи. Градежните работи на третиот дел од булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов” беа искористени за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри и профил од 200, 400, 600 и од 1.200 милиметри. На терен беше извршена и реконструкција на постојната фекална мрежа, при што на должина од 226 метри се поставени цевки со профил од 600 и 300 милиметри. Беше извршена заштита и на гасоводната цевка со профил од 400 милиметри. На проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов” работат градежниците на Трансмет ДОО Скопје. Градот Скопје за овој обемен проект ќе потроши околу 81 милион денари.
Третиот дел од проширениот булевар “Митрополит Теодосиј Гологанов” го осветлуваат 82 столба за улично осветлување на коишто се поставени 108 светилки со моќност од 250 W. На осветлување на новореконструираната делница работеа екипите на фирмата „Магнус Инжинеринг“, а за овој зафат Градот Скопје одвои околу 11,6 милиони денари.
Паралелно со проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов”, продолжува и изградбата на вториот и третиот дел од паркот “Македонија” коишто се протега по должината на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од улицата „Братфордска“ до индивидуалните куќи.
– Овој парк ќе претставува едно убаво и пријатно катче за одмор и рекреација на жителите на Скопје. Новиот дел од паркот “Македонија” се простираа на површина од околу 32.000 метри квадратни, каде ќе биде поставена нова хидрантска мрежа и 332 нови прскалки. Покрај новото зеленило, во двата паркови ќе бидат засадени 400 нови дрвја, а ќе има и содржини наменети за децата, односно ќе се постават детски реквизити направени од дрво, еко-реквизити и летниковци. Во новиот дел ќе се изградат трим патеки покриени со бела ризла и асфалтирани патека со клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. По должината на трим патеките ќе се формираат површини коишто граѓаните ќе можат да ги користат за одмор и рекреација, а во еден дел ќе се постават и фитнес-реквизити за вежбање. Очекувам градежните работи да завршат кон крајот на месец мај, поточно да завршат паралелно со градежните работи на булеварот, изјави градоначалникот Трајановски.
На новите делови од паркот Македонија работеа јавните претпријатија “Паркови и зеленило” и “Улици и патишта”, а вкупната инвестиција на Градот Скопје изнесува околу 15 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст