| четврток, 6 декември 2018 |

Место да се дели, профитот ќе отвора нови работни места

Одредени категории луѓе сѐ уште не се доволно опфатени со постојните можности за вработување. За да се решат овие проблеми, една од мерките што може да влијаат за спречување и за отстранување на овие негативни тенденции е развојот на социјалното претприемаштво или третиот сектор, кој се наоѓа меѓу јавниот и приватниот сектор, кој веќе постои во најголемиот број европски земји. Со развојот на социјалното претприемаштво во голема мера може да се ублажат ефектите и проблемите во економскиот развој и значително да се надминат проблемите за вработување лица што од разни причини не се конкурентни на пазарот на трудот

ekonomija137-1

Новиот закон за социјално претприемаштво, кој е во фаза на изработување, предвидува маргинализираните и обесправени граѓани да се вработуваат во компании што својата добивка или генериран профит, место да го делат, ќе го користат за отворање нови работни места за оваа категорија луѓе. Тоа значи користење на претприемачкото однесување повеќе за социјални, отколку за профитни цели. Засега Министерството за труд и за социјална политика има подготвено прва нацрт-верзија на ваков закон, кој во иднина може да претрпи и суштински промени бидејќи во постапка е обезбедување мислење од голем број институции, но останува суштината дека социјалното претприемаштво е посебна форма на претприемаштво, кое е дел од социјалната економија и треба да се спроведе и кај нас. Поимот социјално претприемаштво е на големо развиен во Европа, па неизбежно е да стане дел и од нашето секојдневие, за што полека му се отвораат вратите преку едно вакво законско решение.

Според Министерството за труд и за социјална политика, ре­гулативата треба да ги дефинира правилата и институционално да се решат основите за дејствување на повеќе организации и субјекти во областа на социјалното претприемаштво преку функционирање на претпријатија во кои добивката нема да се смета за профит на сопственикот, туку ќе се враќа во претпријатието каде што ќе работат лица со хендикеп, млади, невработени, односно тие категории што тешко може да се вклопат на пазарот на трудот, на пример поради криминално минато или проблеми со пороци.

– Досега имаме солидни резултати од тоа што е направено во постојното законодавство во областа на социјалната заштита, вработување и осигурување при невработеност (особено вработување лица со посебни потреби), задруги, здруженија и други. Но, одредени категории луѓе од разни причини сѐ уште не се доволно опфатени со можностите за вработување. За да се решат овие проблеми, една од мерките што може да влијаат за спречување и отстранување на овие негативни тенденции е развојот на социјалното претприемаштво или третиот сектор што се наоѓа меѓу јавниот и приватниот сектор, кој веќе постои во најголемиот број европски земји. Со развојот на социјалното претприемаштво во голема мера може да се ублажат ефектите и проблемите во економскиот развој и значително да се надминуваат проблемите за вработување лица што од разни причини не се конкурентни на пазарот на трудот – објаснуваат од Министерството за труд и за социјална политика.

ekonomija137-2

Си­те видови социјално прет­при­­­е­маштво одразуваат два клучни елемента на овој кон­­цепт, прет­приемаштво – соз­давање вред­ност, која наста­нува по пат на ино­­вативен начин на дејствува­ње и користење на моментните можности за реализација на вредноста и социјална посветеност кон зголемување на социјалната благосостојба преку помагање на тие на кои им се потребни помош и поддршка.

Во македонскиот правен систем терминот, односно статусот социјално претпријатие сѐ уште не е познат, иако во практиката веќе постојат правни форми што се дел од социјалната економија, како на пример: задруги, здруженија и фондации, претпријатија на лица со спреченост во развојот, некои форми на трговски друштва и сл. Не постои законска регулатива што сеоп­фат­но ја регулираа оваа материја, иако во неколку закони и политика постојат одредби што придонесуваат за поддршка на идниот развој на социјалното претприемаштво.

– Целите за донесување закон за социјалното претприемаштво се уредување прашања и институционално решавање на основите за дејствување на повеќе организации и суб­јекти во областа на соци­јал­ното претприемаштвo.Со законот ќе се уредуваат по­имот, целите и принципите на социјалното претприемаштво, дејностите и облиците на изразување на социјалното претприемаштво, корисниците и вработувањето во социјалните претпријатија и задруги, условите под кои соци­јалните прет­пријатија ќе ги извршуваат активностите, условите под кои правни лица можат да добијат статус на социјално претпријатие, начинот на здобивање и на укинување на статусот, евиденцијата, известувањата и надзорот над работата на социјалните претпријатија. Со овој закон ќе се регулираат формите и мерките за поттикнување на социјалното претприемаштво, улогата на општините во планирањето и во спроведувањето развојни документи за социјалното претприемаштво, учеството на социјалните партнери и граѓанските организации во подготовката на развојните документи и компетенции во областа на социјалното претприемаштво – велат од МТСП.

ekonomija137-3

И покрај постоењето правни облици што се дел од социјалната економија како што е таа дефинирана во европското законодавство и практика, во Македонија постои правна празнина во однос на овој поим, чиешто дефинирање и посебно уредување би можело да доведе до сосема нови можности за веќе постојните правно организациски форми, но и за формирање нови претпријатија.

Податоците покажуваат дека социјалната економија вработува повеќе од 11 милиони работници во ЕУ и затоа треба да се направат напори за олеснување на работата на социјалните претпријатија на локално ниво.

– Со законот ќе се поттикнат нови облици и форми на организирање, вработување и работење и ќе се обезбедат социјални иновации во оваа сфера. Истовремено се создаваат можности за изразување на социјалните иновации на практична основа и за едукација на граѓаните за нивно користење со што се создаваат услови за поттикнување на економскиот и на социјалниот развој – велат експертите.

Целта е со овој закон да се уреди оваа област со донесување прописи што ќе кореспондираат со регулативата на земјите од ЕУ и што ќе бидат приспосо­бени на специфичните економски и социјални состојби во Ма­­кедонија.

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 137. број на неделникот „Република“, 17.04.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top