| четврток, 6 декември 2018 |

Вранишковски ги предаде своите следбеници

Со интервјуто за српското национално радио дадено на најголемиот верски празник, кое предизвика негодување кај македонските православни верници, поранешниот владика на МПЦ, а сега таканаречен српски егзарх во Македонија, ѝ го зададе најсилниот удар на својата организација финансирана од Србија и од Грција. И покрај тоа што ја искористи првата пригода, користејќи национална институција на соседна земја, за да го исплука својот народ, добро е што помилуваниот Вранишковски е на слобода, и поради верски, и поради човечки, и поради политички причини.

vraniskovski-tema137-1

Со последното интервју Зоран Вранишковски направи полошо за ПОА и повеќе за стабилноста на МПЦ-ОА од сите други акции преземени од Светиот синод на македонската црква. Со својот настап Вранишковски најмногу им згреши на тие што овие години веруваа дека е на чекор од статус на маченик. Им згреши затоа што тој директно призна дека не верува во македонскиот идентитет и дека за него е важна само црквата, а не и нацијата. Ако се земе предвид дека претходно неговата мајка, исто така за српските медиуми, изјави оти нејзиниот син секогаш се чувствувал како Србин, а не како Македонец, Вранишковски упати силен удар кон сите негови приврзаници што, иако не се дел од МПЦ, се чувс­т­вуваат како Македонци.

За тие што размислуваат како него, дека единствената припадност што е важна е религиозната, а не националната, веројатно е полесно, тие и натаму ќе ни продаваат шашми дека Македонците не можат да ја сфатат големата приказна во која е поважно да бидеш во канонско единство со коптската или атниохиската црква од можноста да бидеш и Македонец и верник во исто време. Најтешко им е на тие што со години нѐ убедуваа дека нема пречка да се биде Македонец и во исто време да се биде во канонско единство со целата православна екумена. Сега тие што тврдеа дека како членови на ПОА можеле слободно и гордо да се изјаснуваат по национална припадност за време на литургиите во Србија и во Грција, ќе мораат да го прашаат нивниот водач зошто не им ја почитува националноста или да продолжат да му веруваат и од Македонци да станат Срби и Грци, што не е трагедија ниту грев затоа што секој треба да има право сам да решава за својата судбина вклучително и за својата нација.

Србите не веруваат во Вранишковски

Според една интерна анализа подготвена од српските тајни служби за „влијанието на ПОА во македонскиот црковен и општествен живот“, по нарачка на кабинетот на поранешниот претседател на Србија, Тадиќ Јован, Вранишковски никогаш немал потенцијал да стане влијателна фигура во Македонија. Извештајот, кој подоцна го користел и актуелниот претседател Томислав Николиќ, покажува дека Вранишковски во времето кога е пишуван имал меѓу 200 и 300 следбеници, но најголем дел од нив биле луѓе што директно работеле со неговата организација или, пак, членови на семејства на неговите соработници. Еден од најголемите проблеми за него според извештајот е што тој за целиот период во кој бил егзарх на СПЦ во Македонија не успеал да продобие на своја страна значајни личности од македонскиот јавен живот. И покрај тоа што во земјата има значително српско малцинство, а Македонската православна црква ја тресат скандали и ужива сѐ помала доверба меѓу верниците, Вранишковски не успеал да се наметне како верски фактор кој би привлекол нови верници и донатори. Една од причините за таквата состојба, според српските безбедносни аналитичари, е медиумската хајка што со години се вршела врз него и неговите соработници, но и поради тоа што настапувал од политички наместо од верски позиции. Шансите Вранишковски да стане фактор што може да му парира на поглаварот на МПЦ-ОА се никакви, сметаат српските разузнавачи кои не можат да дадат одговор зошто Србите во Македонија ги одбираат храмовите на МПЦ-ОА пред организацијата на Вранишковски. Од друга страна, нивните процени се дека тој може да влијае негативно на одличните односи меѓу двете земји во период кога и Белград и Скопје имаат заеднички регионални интереси и позиции за многу прашања. Во извештајот нема препорака како да се однесуваат српските власти во иднина, но пораката е јасна – Вранишковски нема моќ да биде прифатен во Македонија како сериозен играч врз кој може да се градат интересите на Белград. Дали поради овој извештај Тадиќ, а подоцна и Николиќ и Вучиќ се обидуваат да го маргинализираат Вранишковски не може да се каже со сигурност, но факт е дека таканаречената ПОА, и покрај канонскиот статус во православниот свет, во последните неколку години не само што не може да регрутира нови членови, туку и загуби неколку влијателни високи свештеници, кои или се вратија во МПЦ-ОА или се откажаа од верска служба.

Што сакаше да ни порача Вранишковски? Српскиот егзарх преку интервјуто за српското национално радио испрати неколку важни скриени пораки, кои, можеби, ќе мора да бидат земени предвид во идните преговори меѓу СПЦ и МПЦ за статусот на столбот на македонската нација и државност. Со изјавата дека во 1967 година политиката ја создала црквата во Македонија за да се осигури идентитетот на македонскиот народ, Вранишковски сака да ни каже дека без призната црква и во иднина ќе биде спорен македонскиот национален идентитет. И затоа делот од изјавата каде што тврди дека во преговорите СПЦ не може да понуди повеќе од „најширока автономија под јурисдикцијата на СПЦ“ не треба да се земе како провокација, туку како понуда од негова страна. Тој знае дека неговата иднина како пастир во Македонија е веќе минато и затоа сега се пазари. Се обидува ли Вранишковски срамежливо да ни каже дека е подготвен да се врати во јатото на МПЦ-ОА и со тоа македонската црква да може да преговара за статусот на архиепископија, кој сега го има т.н. ПОА. Можеби и Вранишковски се согласил на компромисот за кој се залагаат неколку српски умерени владици, кој наводно е поддржан и од рускиот патријарх, а за кој се зборува уште пред тој да биде пуштен на слобода. Во слободна интерпретација, Вранишковски неформално би добил дозвола да се врати во МПЦ-ОА , би добил некој од пасивните имоти кој би бил обновени со помош на СПЦ и на РПЦ, а тој не би се мешал во работата на Светиот синод на МПЦ-ОА. Во контекст на оваа, засега само, шпекулација, која доаѓа од српските владици, кои се свесни дека СПЦ нема што да бара во Македонија, е и делот од интервјуто на Вранишковски во кој тој зборува и за нерасчистени имотно-правни односи меѓу СПЦ и МПЦ. Се подготвува ли Вранишковски да ја трампи својата „архиепископска титула“ за некој од разурнатите македонски манастири каде што би се повлекол во мир со своите сѐ помал број приврзаници? Извори во МПЦ-ОА најостро ги демантираат таквите информации, но признаваат дека таквото сценарио не може целосно да се исклучи доколку зад него цврсто застанат поглаварите на СПЦ и на РПЦ и доколку Вранишковски вети дека ќе прекине да ги дели македонските православни верници.

 

(Текст објавен во 137. број на неделникот Република, 17.04.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top