| четврток, 6 декември 2018 |

Гран при наградата на „Лица без маски“ за „Машината Јан Бибијан“

unnamed

Гран при наградата на 8. Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“ ја освои претставата „Машината Јан Бибијан“, за уникатноста во режисерскиот концепт, беспрекорната актерска игра, инвентивноста во изразот и формата, објасни во образложението жири-комисијата на Фестивалот.

Наградата за најдобра режија ја доби Ана Батева, која годинава го отвори фестивалот со претставата „Буре барут“, во изведба на театарот „Николај Бинев“ и „Креди арт“ студио од Софија, Бугарија.

„Наградата за режија се доделува на Батева, за нејзиниот нов и јасен режисерски прочит на неколку дела од Дејан Дуковским, на тој начин создавајќи нова артистична форма“, потенцираше жири комисијата.

Наградата за најдобро актерско остварување годинава му беше доделена на актерот Ивајло Драгиев, од Бугарија, кој настапи во повеќе ролји во претставата „Буре барут“.

Годинешната програма на фестивалот „Лица без маски“ селектирана од режисерот Игор Ивковиќ, донесе исклучително квалитетни театарски продукции од Италија, Бугарија и МАкедонија, кои на македонската публика навистина понудија нови светови и нови алтернативи и експерименти во театарското промислување.

-Со гордост, можеме да кажеме дека годинешното издание помина со одлична посетеност и од страна на публиката, а тоа е воедно и поттик за сите нас да го развиваме и натаму фестивалот и да промовираме уникатни театарски претстави – вели Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „Лица без маски“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top