| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија напредна за 10 места на светската информатичка мапа

ivo

Во последното издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија на Светскиот економски форум Македонија е рангирана на 47-мо место од вкупно 143 земји опфатени со истражувањето. Во однос на лани бележи напредок за 10 позиции, а за 20 споредено со 2013 година.

– Во Извештајот е потенцирано дека Македонија спаѓа во групата на топ 10 земји кои најмногу напредувале во периодот од 2012 до 2015 година – рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Од земјите  во регионот Словенија е рангирана пред Македонија, на 37-то место, Хрватска е 54-та, Црна Гора 56-та, Грција на 66-то место,  Бугарија 73-то, Србија на 77 место и Албанија на 92-та позиција. Лидери на глобално ниво повторно се Сингапур и Финска.

Македонија е најдобро рангирана во столбот „достапност“, на 29 место, каде има напредок за 59 позиции. Со него се оценува колку чини пристапот до ИКТ, било да е преку мобилна телефонија или преку фиксниот широкопојасен Интернет, како и нивото на конкуренција во секторите на интернетот и телефонијата што се одредува на овој трошок.

– Во „ефикасност на правниот систем при решавање на спорови“ сме рангирани на 53  место, што е пораст за 34 позиции,  „достапност   на ризичен капитал“ напредок за 38 позиции… а  број еден  во  светот во конкуренција во интернет и телефонија каде што сме на прво место, а лани бевме на 130 место – рече  Ивановски.

Во индексот, укажа, има делови каде што Македонија има огромен напредок и каде што е потребно да се продолжи да се работи, особено што во нашата програма за е-владини  услуги преку ИПА проектите што се веќе обезбедени е предвидено да развиеме поголем број електронски владини услуги за што во извештајот сме рангирани на 59  место.

Според Ивановски, во подиндексот „подготвеност” Македонија е рангирана на 46 место и бележи напредок од 25 позиции во споредба со 2014 година. Со тој подиндекс се мери степенот до кој едно општество е подготвено добро да ги искористи сите достапни инфраструктури и дигитални содржини за ИКТ.

– Овие бројки и статистики претставуваат непобитен доказ колку сме посветени и колку работиме на развојот на информатичкото општество во нашата земја, колку се стремиме да создадеме информатички образована нација, колку преку ИКТ областа настојуваме да ја поттикнеме и подобриме нашата економија и да отвораме нови работни места – рече  Ивановски.

Глобалниот извештај за информатичка технологија на Светскиот економски форум се објавува од 2001 година. Ја покажува актуелната состојба во врска со ИКТ  подготвеност на земјите во светот, какви се условите на пазарот и во кои области треба да се посвети поголемо внимание за да се постигне засилен развој. Целта е  секоја земја целосно да ја искористи предноста на информациско комуникациските технологии за да  постигне поголема конкурентност и напредок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top