Дефект во снабдувањето со електрична енергија предизвика запирање на сообраќајот во Евротунелот под каналот Ла Манш помеѓу Велика Британија и Франција.
Прекинот на струја настана денеска рано попладне после 14,30 часот и во едната насока траеше повеќе од четири часови.
Управата на Евротунелот, низ кој минуваат брзите возови „Евростар“ соопшти дека прекинот во снабдувањето со струја предизвикал големи нарушувања во редот на патувањето на возовите. Тоа предизвикало многу возови да доцнат, некои од планираните патувања да бидат откажани.
Бликирани возови чекале повеќе од четири часови кај англискиот град Фолкстон, на британската страна од каналот и најмалку два часа кај Кале, на францускиот брег.
Во соопштението издадено вечерва во Лондон се наведува дека управата на Евротунелот жали поради проблемите со кои се соочуваат денеска патниците, но им советува на сие оние кои немаат итна потреба да го одложат патувањето во едниот или во другиот правец за некој друг ден.
„Евростар“ возовите патуваат меѓу Лондон и Париз, како и меѓу британскиот главен град и Брисел, преку Лил.
За утре е најавен штрајк на белгиските железничари, па возовите „Евростар“ наместо до Брисел ќе возат само до Лил, на француско-белгиската граница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.