| четврток, 6 декември 2018 |

Овации за „Вечната куќа“ на фестивалот во Будимпешта

budim
Со бурен аплауз и овации беа наградени актерите на Македонскиот народен театар, кои синоќа во Националниот театар во Будимпешта со претставата „Вечната куќа“ настапија на вториот театарски фестивал „Митем“, соопшти Министерството за култура.

Изведбата на претставата „Вечната куќа“, по текст на Јордан Плевнеш и режија на Дејан Пројковски, предизвика огромен интерес кај многубројната публика, присутните актери и гости, меѓу кои беше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и претставници на дипломатскиот кор во Унгарија, наведува Министерството.
visar

На фестивалот „Митем“, кој од 10-ти до 26 април го организира Националниот театар од Будимпешта, МНТ е единствен од Балканот, а покрај нашиот ансамбл учествуваат уште 20 реномирани театарски куќи од 13 европски држави.

Министерката за култура Канческа-Милевска вчера, во рамки на еднодневната посета на Унгарија, остварила средба со својот унгарски колега Петер Хопел, на која му се заблагодарила за поддршката на евроинтеграцијата Република Македонија.

– Двајцата соговорници контастираа дека Македонија и Унгарија негуваат одлични релации во областа на културата, кои резултираа со низа активности и проекти кои го потврдија континуитетот на искреното пријателство и довербата што се негуваат меѓу нашите две земји. Во тој контекст, позитивно беше оценета досегашната реализација на проектите согласно потпишаната Програма за културна соработка за периодот 2014-2016 година – информира Министерството за култура.

На средбата биле разменети мислења и предложени конкретни активности за реализација на проекти за поддршка на превод на дела од реномирани македонски и унгарски автори во двете земји, отворање македонско литературно катче во Будимпешта, реализација на изложби, како и размена на конкретни проекти и стручни лица од областа на археологијата и заштитата на културното наследство.

– Соговорниците се согласија дека гостувањето на ансамблот на Македонскиот народен театар на фестивалот „Митем“ во Будимпешта е од особено значење за идната соработка во областа на театарската дејност, која ќе биде потврдена и со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете институции во јуни годинава за време на гостувањето на Националниот театар од Будимпешта во Скопје – се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top