Руските безбедносни сили го ликвидирале командантот на исламистичките бунтовници од т.н. Емират Кавказ на Северен Кавказ, кој бил откриен при претрес на една куќа во републиката Дагестан, објави Националниот антитерористички комитет.
Покрај водачот, 43-годишниот Алиасхаб Кебеков, познат како Али Абу Мухамад, во судирот во Бујканската област биле убиени уште четворица исламисти, од кои уште двајца командувале со поголеми бунтовнички групи. Руските власти соопштија дека куќата со бунтовниците била блокирана уште во неделата утрото, но „активната фаза од операцијата започнала дури вечерта, откако милитантите од куќата ги пуштиле децата“.
На интернет страницата на исламските милитанти, објавено е дека Кебеков страдал со „маченичка смрт“ во „нерамноправна борба“ со владините сили. Руските власти по Кебеков распишаа потерница во 2012 година поради „организирање или учество во нелегални вооружени групи“.
Кебеков стана главен командант на радикалната исламистичка група Емират Кавказ, во која се борат и исламисти од други краеви на светот, па е прогласена за меѓународна терористичка организација, во почетокот од 2014 година, откако руските безбедносни сили го елиминираа неговиот претходник и најбараниот терорист во Русија, Доку Умаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.