| четврток, 6 декември 2018 |

Фатос Нано со нова партија во Албанија

fatos nanoПоранешниот лидер на албанските социјалисти и екс премиер Фатос Нано, одлучи да се врати на политичка сцена со нова политичка партија, во која ќе ги собере незадоволните членови од политиката што ја води актуелниот социјалистички лидер и премиер Еди Рама.

„Еден од незадоволните, кој се очекува да се приклучи кон партијата на Нано е и Бен Блуши, а се споменуваат и Арбен Малај, поранешен министер за финансии и Реџеп Мејдани, екс претседател на Албанија, како и други видни личности од редовите на социјалистичката партија“, пишува весникот „Шќиптарја“.

Иницијативниот одбор, во кој засега се познати имињата на Нано и Блуши, активностите за формирање на партијата ги почнуваат набрзо а партијата ќе биде формирана по локалните избори закажани за 21 јуни. Како ќе биде именуван новиот политички субјект останува за подоцна.

Фатос Нано (63) кој Социјалистичката партија ја раководеше петнаесет години се повлече од лидерската функција по поразот на парламентарните избори во 2005 година. Уште еден мандат, иако со голем број отсуства беше пратеник во албанскиот парламент, по што целосно се повлeче од политичката сцена. Инаку, нему му се припишува и најголемата заслуга за приближување на односите на Македонија со неговата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top