Сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова денеска организираше велигденски ручек за сопругите на резидентните амбасадори во Република Македонија при што беа посетени манастирите „Св. Јован Бигорски“ и „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во дебарското село Рајчица. На ручекот присуствуваа сопругите на амбасадорите на Италија, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Шведска, Украина, САД и Швајцарија.
Според Маја Иванова, воскресението Христово е празник над празниците и празник што го слави животот, верата, надежта и љубовта и исполнува со благослов и спокојност. И токму тоа и било инспирација и повод за овој настан.
– Заедно со сопругите на резидентните амбасадори во Македонија го посетивме овој крај, бисер на Македонија што некои го нарекуваат и рај на земјата, како и двата манастири „Св. Јован Бигорски“ и „Св. Ѓорѓи Победоносец“. Домаќините во „Св. Јован Бигорски“ на моите гостинки им го претставија историјатот на манастирот и ги запознаа и со другите убавини на овој регион, така што восхитот на нивните лица можеше да се види од убавината, архитектурата, фрескосликарството и духовноста на ова древно македонско светилиште. Ова го сметам и како промоција на мојата земја Република Македонија со сите нејзини историски, културни и духовни богатства и од ова место сакам да упатам апел до младите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности што се нераскинлив дел од нашата историја и култура, истакна Иванова.
Сопругата на американскиот амбасадор Кепи Полк Бејли истакна дека за првпат има можност да го посети овој крај.
– Стоејќи на местото со исклучителна духовност и можноста да се гледаат и други творби со духовност како џамии, планини, реки и шуми, навистина претставува прекрасно задоволство, рече сопругата на американскиот амбасадор.
Сопругата на рускиот амбасадор во Македонија Лариса Шчербак истакна дека е големо задоволство во време кога сите ние ги одбележуваме велигденските празници да им посака на сите граѓани на Македонија просперитет, здравје и среќа.
– Од манастирот „Св. Јован Бигорски“ може да се видат објекти и други верски градби што уште еднаш покажува дека религиозните и другите верски заедници во Македонија го одржуваат и чуваат соживотот, рече Лариса Шчербак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.