| четврток, 6 декември 2018 |

Победнички старт на Македонија

Женската ракометна репрезентација на Македонија до 19 години со победата над Исланд 24:22 (8:10) ги почна натпреварите од квалификациската група 1 за пласман на Европското првенство во Шпанија. Вечерва нашите млади ракометарки се радуваат на триумфот во „СРЦ Кале“ во Скопје откако во завршницата беа за нијанси по концентрирани од противничките.

 

Дуелот Македонија го почна во грч, па Исланд во три наврати имаше водство од пет голови разлика (7:2; 8:3 и 10:5), а на полувремето беше 10:8 за Исланд. На стартот на вториот дел избраничките на селекторот Симе Симовски успеаја да направат пресврт и Македонија во 42.минута водеше со 17:14. Највисоката предност Македонија ја имаше во 48.минута – 21:16, но Исланд во 55. минута успеа да изедначи 22:22. Сепак, во последните пет минути Македонија постигна два гола, кои се покажаа решавачки за победата.

Сара Ристовска со 9 голови беше најефикасна кај Македонија, додека Нина Ладева имаше 10 одбрани. Рагхеидур Јулиусдотир од Исланд со 11 голови беше најефикасна на натпреварот.

Од првото коло од оваа група Црна Гора ја победи Холандија со 30:25. Двете првопласирани селекции од групата ќе се пласираат на ЕП во Шпанија.

Утре Македонија во терминот од 18:30 часот ќе игра против Холандија, а од 16 часот играат Црна Гора и Исланд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top