| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Борбата против тероризмот е предизвик за целата светска јавност

јан

Борбата против тероризмот е предизвик пред кој е исправена целата светска јавност, поради што и во изминатиов период беа организирани значителен број на самити, конференции и министерски средби, коишто имаа цел заедничко организирање на безбедносните служби во справувањето со тероризмот, радикалниот ислам и џихадизмот, односно справувањето со таканаречените странски борци. Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање на четвртата неформална средба на министрите за правда и внатрешни работи и партнерите на Брдо процесот и Процесот за соработка во југоисточна Европа.
Во своето излагање во рамки на втората сесија посветена на „Борбата против тероризмот – странски борци и спречување на радикализирањето и илегална трговија со оружје, муниција и експлозиви“, министерката Јанкулоска посочи и дека со цел навремен одговор на овој предизвик, а пред се и соодветно превенирање на истиот, Македонија презеде неколку важни мерки.

-Изменет е Кривичниот законик каде се додадени нови членови со кои се санкционира регрутација, обука, финансирање и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата, односно во странски паравојски и терористички организации, а донесен е и нов Закон за кривична постапка кој ја олесни примената на современите истражни техники преку кои поефикасно се откриваат и се гонат сторителите на овие и слични кривични дела – рече Јанкулоска.
Како што информираше, во однос на недозволената трговија со оружје по министерскиот форум на ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во Будва во 2013 година и на кој беше донесена одлука за воспоставување Регионална мрежа на експерти вклучени во борбата против илегалната трговија со оружје, истата е при крај на нејзиното формирање.
-Имено, како иницијатор на оваа идеја, Република Македонија заедно со другите држави од регионот, но и со силна поддршка од страна на Мрежата на европски експерти за оружје – ЕФЕ, пристапи кон реализација на идејата за воспоставување експертска група за мерки против недозволена трговија со оружје во југоисточна Европа. Во таа насока целосно е усогласен Меморандумот за соработка за воспоставување на експертската група во која членови ќе бидат претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија и Србија – рече Јанкулоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top