Лидерот на Српската радиклана партија (СРС) и осомничен воен злосторник, Воислав Шешељ денеска го обвини главниот хашки обвинител Серж Брамерц дека примил поткуп од Хрватска и побара од Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг да почне дисциплинска постапка за негово разрешување од функцијата.
Како што јавија белградските медиуми, Шешељ изјави дека Брамарц инсистира на негово враќање во затворот на Хашкиот суд под притисок на Хрватска и на неколку европратеници.
– Според информацијата со која располагаме, Брамерц за тоа примил големи пари од Загреб, изјави Шешељ на пресконференција во Белград.
Хашкиот суд го товари Шешељ за злосторства врз Хрвати и Бошњаци во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина во периодот од 1991 до 1993 година. Тој лани во ноември беше времено ослободен од затворот на Трибуналот, за да замине на лекување во Белград, откако му беше откриен канцер.
Меѓутоа по доаѓањето во Србија, Шешељ со неколку провокативни постапки и изјави предизвика гневни реакции во Хрватска.
По ова, Обвинителството побара од Апелацискиот совет на Трибуналот да ја преразгледа одлуката за времено ослободување на Шешељ. Пред два дена Апелацискиот совет донесе одлука Шешељ веднаш да биде вратен во хашкиот затвор независно од неговата здравствена состојба.
Во врска со ваквата одлука, Шешељ на денешната пресконференција уште еднаш повтори дека нема намера доброволно да се врати во Хаг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.