| четврток, 6 декември 2018 |

Исламската држава со закани на Германија

islamska drzava mudzahedini
Исламската држава испратила закани до германските власти дека може да ја снајдат терористички напади слични на нападот извршен во седиштето на сатиричниот француски весник „Шарли ебдо“ во Париз, јави дописникот на МИА од Берлин.
Во триминутното видео објавено вчера на интернет германските власти се предупредени дека „во Франција делата се извршени, а во Германија спијачите (притаени членови на ИД) сѐ уште чекаат“.
Пораката е испратена од Денис Касперт, триесет и деветгодишен германски рапер од Берлин познат под своето уметничко име Десо Дог.
Западните безбедносни служби сметаат дека Касперт е дел од екипата која ги продуцира пропагандните филмови на британскиот џихадист Мохамед Емвази во кои ИД  обезглавува киднапирани заложници.
Денеска во главниот град на Германија нема видливо зголемени мерки на безбедност. Од околу 600 германски граѓани коишто се евидентирани како борци за радикални исламски структури во Ирак и Сирија досега во земјата се вратени над 120. Сите тие се под надзор на германските власти, а дел од нив се соочуваат со судски процес и затворски казни ако се докаже нивно учество во воени активности надвор од Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top