Со гостување во соседна Албанија, македонскиот евровизиски претставник Даниел Кајмакоски ја почна промотивната евровизиска турнеја во организација на Македонската радио-телевизија.
Лобирањето почна од Тирана, каде што на покана на националната Албанска радио-телевизија, Даниел Кајмакоски беше гостин во Дневникот на АРТВ, а имаше и повеќе интервјуа за радио и за телевизиски емисии за албанскиот национален сервис.
Претставникот на Македонската евровизиска делегација, Авни Ќаили вели дека Даниел Кајмакоски беше пречекан со голем интерес и од пишаните медиуми, како „Шекули“, „Газета Шкиптаре“ и други.
Во текот на вчерашниот ден Даниел со својот тим престојуваше во Белград, на заедничко дружење со обожавателите и со медиумите од Србија, организирано од страна на ОГАЕ Србија. Во централниот хол на трговскиот центар Ушче во 18 часот Даниел Кајмакоски се сретна со претставниците на Србија, Црна Гора, а на средбата присуствуваше и претставникот на Молдавија, Едуард Романиута, кој оваа година ќе го отвори Првото евровизиско полуфинале.
Овој викенд Даниел Кајмакоски ќе престојува во Амстердам, Холандија, каде што се одржува најголемиот промотивен настан по повод Евровизија, Eurovision in concert. Дваесет и четири евровизиски претставници ќе учествуваат на концертот што ќе се одржи во салата „Мелквек“ на 18 април, каде што и Даниел Кајмакоски ќе настапи пред многубројните фанови и евровизиски медиуми и ќе ја претстави во живо „Autumn Leaves“.
Напорната агенда продолжува во Келн и во Брисел, каде што Даниел Кајмакоски ќе има гостувања во радиоемисии.
Оваа година навистина се потрудивме да бидеме присутни на што повеќе промотивни настапи, па Даниел Кајмакоски ќе биде гостин и на гала-забава во Москва, Русија, каде што на 24 април ќе настапи со евровизиската „Autumn Leaves“ во концертната сала „Корстон“, пред 1.000 гости, вели Мери Попова, шеф на македонска евровизиска делегација.
Настанот ќе биде проследен не само од најзначајните руски медиуми, туку и од медиуми од Белорусија и од Азербејџан, па ова е исклучителна можност Даниел Кајмакоски и нашата евровизиска песна да бидат забележани од што поголема публика, додава Мери Попова.
Интерес за Даниел Кајмакоски има и во Виена, па нашиот евровизиски претставник е поканет да биде специјален гостин и во емисија на Австриската национална телевизија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.