| четврток, 6 декември 2018 |

Од јули за 10 отсто повисока социјална и постојана парична помош

Македонското Собрание попладнево во рамки на 43.седница го прифати Предлог законот за изменување на Законот за социјалната заштита и го даде на второ читање.

Образложувајќи ги законските измени, министерот за труд и социјална полтика Диме Спасов рече дека со нив се овозможува зголемување на социјалната парична помош и на постојаната парична помош за 10 отсто, а исплатата ќе се реализира од јули 2015 година.

Со зголемувањето социјалната парична помош во просек ќе изнесува 4.500 денари, а постојаната парична помош 5.931 денар.

– Со зголемувањето на висината на социјалната парична помош и постојаната парична помош за 10 отсто ќе се подобри социјалната положба на околу 35.000 корисници на социјална парична помош и на околу 5.800 корисници на постојана парична помош, рече Спасов.

Потребните средства за исплата на зголемувањето на висината на социјалната парична помош и постојаната парична помош за 10 отсто изнесуваат 112.400.000 денари и тие се предвидени во Буџетот на Република Македонија за 2015 година.

Пратеничката Слаѓана Митовска истакна дека изменувањето на Законот за социјалната заштита е само една од низата социјални мерки за помош на лицата од социјален ризик.

– Зголемувањето од 5 отсто на 10 отсто е секако за поздравување кое ќе им биде од многу голема помош на тие лица, рече таа и додаде дека во насока на ваквите мерки беше вовоеден условен паричен надоместок, субвенции за електична енергија, намалување на цената на дрвата…

Собранието го прифати Предлог законот за изменување на Законот за технолошки индустриски развојни зони и го даде на второ читање.

Пратениците попладнево дадоа поддршка на Предлог годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2015 година, како и на Предлог годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2015 година.

Со 61 гласа „за“, без воздржани и против, Собранието го донесе Законот за изменување на Законот за здравствена заштита. Со него се предвидува за вработените во јавните здравствени установи кои вршат работи од здравствената дејност и имаат статус на даватели на јавни услуги во здравството да се продолжи рокот за исполнување на посебните услови кои се однесуваат на познавање на странски јазик и работа со компјутерски програми, кои треба да се достават во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.

Пратениците со 62 гласа „за“, без воздржани и против го донесоа и Законот за дополнување на Законот за здравственото осигурување.

Претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски поладнево ја прекина 43-тата седница, а  нејзиното продолжението го закажа за утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top