Најновите оцени на Народната банка на Република Македонија упатуваат на тоа дека нема големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар, и покрај променливоста во одделни месеци, веќе подолг период главно се поволни, навестувајќи релативно ефикасна трансмисија на монетарните мерки донесени досега врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки.
Ова е оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ која вчера на седница ги разгледа состојбите во банкарскиот систем, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Комитетот оценува дека економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Ваквите движења, според Комитетот, упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика.
Во однос на економската активност, годишниот раст на БДП за четвртиот квартал изнесува 2,7 отсто и е во согласност со очекуваниот раст на економијата во октомврискиот циклус на проекции. Домашната побарувачка и извозот беа носители на растот, при умерен раст на личната потрошувачка и инвестициите, и силен раст на извозната активност. Индикативните високофреквентни податоци за првиот квартал на 2015 година, како што наведуваат во соопштението, упатуваат на продолжување на растот на домашната економија, со веројатно слично темпо како и во претходниот квартал.
Во однос на инфлациските остварувања, во март дојде до значително забавување на годишниот пад на цените на 0,3 отсто (наспроти 1 отсто во февруари). Како што појаснуват во просек, во првите три месеци од годината општото ниво на цени во домашната економија се намали за 0,9 отсто на годишна основа, што е резултат на сите три компоненти на инфлацијата, но со доминантен придонес на пониските цени кај енергетската компонента на инфлацијата.
Инфлациските остварувања се нешто послаби во однос на проектираните, а промените во надворешните претпоставки продолжуваат да упатуваат на надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2015 година.
Овие оцени, според Комитетот, ги одразуваат априлските ревизии на светската цена на нафтата кои предвидуваат подлабок пад на цената на нафтата во 2015 година споредено со октомвриската проекција од 2014 година. Комитетот смета дека треба да се има предвид дека неизвесноста околу идното движења на светските цени на нафтата и можноста за нагли промени кај оваа категорија се големи. Воедно, во меѓувреме се појавија фактори на ризик што делуваат во нагорна насока, односно неповолните временски прилики во домашната економија, чиј ефект тековно е тешко да се оцени.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат значителен пад од почетокот на годината, заради предвремената отплата на кредитот од ММФ, користен во рамки на Кредитната линија за претпазливост. Доколку се исклучи овој ефект, девизните резерви бележат благ пад, што е во согласност со октомвриската проекција, а показателите за адекватноста на резервите и натаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови.
Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за март покажуваат релативно висок раст на кредитите на месечна основа, што доаѓа по релативно послабите остварувања од почетокот на 2015 година.
Месечното зголемување на кредитите е подеднакво распределено кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во март е 9,2 отсто и е над проекцијата за првиот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, во март е остварен месечен пад на вкупните депозити, како резултат на падот на депозитите на претпријатијата и на останатите финансиски институции, при задржана динамика на раст кај депозитите на населението. И покрај овие остварувања, сепак нивната годишна динамика на раст во март е над очекуваната за првото тримесечје во рамки на октомвриската проекција, заради силниот раст на депозитите на крајот на 2014 година.
Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се намали во март, што услови понизок износ на пласирање на краткорочни вишоци на ликвидност од страна на банките во расположливи депозити кај НБРМ. Сепак, при сѐ уште висока ликвидност на ниво на банкарски систем и при намалување на каматните стапки на расположливите депозити кај НБРМ, на пазарот на пари, трендот на намалување на каматните стапки продолжи и во текот на март, а во прометот доминираа трансакциите со хартии од вредност.
На девизниот пазар, движењата во март беа стабилни, со што продолжија поволните трендови од почетокот на годината, манифестирани преку повисок откуп на девизи на банките од нивните клиенти наспроти истиот период претходната година. Во такви околности, во текот на првиот квартал НБРМ оствари нето-откуп на девизи од банките-поддржувачи, а девизниот курс се задржа на стабилно ниво.
Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар, и покрај променливоста во одделни месеци, веќе подолг период главно се поволни, навестувајќи релативно ефикасна трансмисија на монетарните мерки донесени досега врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки.
Во следниот период НБРМ внимателно ќе ги следи идните макроекономски движења, ризиците поврзани за основното макроекономско сценарио, остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на овие движења.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.