Околу 400 имигранти, кои исполовија од Либија во обид да стигнат до Италија се удавија, соопшти синоќа организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children), повикувајќи се на изјави на преживеаните, кои биле спасени од еден брод и префрлени во италијанско пристаниште.
Според организацијата меѓу жртвите имало многу млади луѓе, можеби малолетни, пренесува Хина.
Бродот превезувал 550 имигранти и доживал бродолом 24 часа, откако испловил од Либија, според изјавите на 150 преживеани лица.
– Преживеаните патници на бродот биле претежно субсахарски Африканци – изјави портпаролот на организацијата и истакна дека не знае кога точно се случил бродоломот.
Пред оваа несреќа од почетокот на годината загинаа повеќе од 500 имигранти во Медитеранот, кој поради постојаните обиди на жителите на Африка да стигнат до Европа стана најголема масовна гробница.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција тоа е драстичен пораст во однос на 47 жртви истиот период минатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.