| четврток, 6 декември 2018 |

Криминалците од Балканот осомничени за кражба на лондонскиот трезор (Видео)

лондон кражбаБританската полиција ја истражува можноста дека грабежот на трезорот во центарот на Лондон, за време на велигденскиот викенд, го извеле членови на меѓународната криминална група Пинк Пантер, со потекло од Балканот, соопштија вчера британските медиуми.На снимките на надзорните камери, кои во саботата ги објави весникот Мирор, може да се видат неколку мажи облечени како работници, но со лица скриени од камерата, како влегуваат и излегуваат од зградата во јувелирската област Хатон Гарден, во која се сместени сефовите во кои повеќето локални јувелири го чуваат накитот.
Членовите на бандата, во флуоресцентни елеци и шлемови, мирно ги носеле вреќите и ги туркале кантите за отпадоци во високообезбедената зграда во центарот на Лондон, а по две ноќи „работа“, заминале со содржината на 72 сефа, чија вредност се проценува на 60 милиони фунти (82 милиони евра).

Според очевидци, само неколку часа пред почетокот на грабежот во квартот Хатон Гарден биле видени сомнителни мажи од Источна Европа.
-Видов двајца на мотори, додека другите беа во комби. Неколку минути внимателно ја посматраа зградата со сефовите. Мислам дека ја набљудуваа зградата планирајќи грабеж и нешто тука ми стана сомнително- рекол сведокот, јувелир.
Полицијата дошла до голем број фотографии од безбедносните камери, кои во моментов се анализираат, соопшти Скотланд јард.

Детективот Пол Џонсон, кој ја предводи истрагата, изјавил дека крадците биле мошне смели и тој викенд двапати влегле во зградата. Ограбувачите во тие два наврати отвориле 72 од вкупно 999 сефови. Меѓу ограбените е и озлогласеното гангстерско семејство Адамс, а неговите шефови Тери и Томи Адамс наводно се бесни зашто крадците ги украле нивните скапоцености во централен Лондон, пренесува Дејли мејл.
Полицијата признала дека алармот бил активиран во зградата веднаш по полноќ, на 3 април, во почетокот на празничниот викенд, но дека никој не бил испратен да провери, па кражбата била откриена дури во вторникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top