| четврток, 6 декември 2018 |

Дајте ѝ предност на традиционалната кујна

hrana-makedonija

Дајте ѝ предност на локалната, сезонска храна, откријте ги повторно традиционалните производи, посомневајте се во оние со предолга листа на состојки и неразбирливи имиња, избегнувајте производи кои содржат адитиви, вештачки бои и конзерванси, одберете ги оние со соодветни информации за начинот на одгледување и производните техники, внимателно читајте ги декларациите на етикетите, вашиот избор нека бидат пакувања чии материи се биоразградливи, лесни за рециклирање, со што се намалува количината на отпад,…

 Ова се само некои од препораките во водичот „Кога купуваш, мисли со главата!“ што го изготви Слоу Фуд во рамки на проектот Есседра.

Водичот почнува со совети за јадење помалку месо, а во него може да се прочита повеќе и за правилното одбирање риба, за препознавањето јајца од А класа, што зборуваат етикетите на производите и колку е битна амбалажата.

 Посебен дел е одвоен за т.н. Тркало на сезоните кое сугерира консумирање производи во периодот на нивното природно зреење. – Грав или домати кои се одгледуваат на отворени површини за време на нивната сезона имаат одличен квалитет и вкус, и секако се подобри од одгледаните во оранжерии што се собираат недозреани и патуваат илјадници километри, потсетува водичот.

Воедно укажува – кога купуваме храна, да бидеме љубопитни, внимателни, да научиме да го комбинираме задоволството со одговорноста.

– Изборот што секојдневно го правиме, влијае на нашето здравје, но и на земјоделството, животната средина и биодиверзитетот. Наша должност, како одговорни граѓани, е подетално да дознаеме за квалитетот на она што го купуваме и наше право е да добиеме вистински информации, стои во прирачникот.

 Се препорачува консумирање помалку, но поквалитетно месо од селски, локални фарми, месо добиено од животни кои ги одгледуваат здруженија на сточари, кооперативи, производители – кои се придржуваат кон строгите регулативи за исхрана и благосостојба на животните и кои обезбедуваат јасни информации за потеклото, обрнување внимание на цените (екстремно ниските цени се најчесто индикатори за експлоатирани животни и/или животна средина).

– Не треба да станете вегетаријанци, единствено што треба да направите е да консумирате помалку месо со добар квалитет кое потекнува од одржливи фарми и доколку е можно од локални раси. За да го избегнете загадувањето исто така е пожелно да им дадете предност на месните производи произведени на фарми со затворени циклуси, кои шталскиот отпад го користат како ѓубриво, се наведува во водичот.

 Во однос на рибата, се препорачува купување цела и што посвежа, односно избегнување филети, додека најдобри јајца се оние, добиени од „слободно одгледувани” кокошки.

– Кокошките кои се одгледуваат на овој начин се поздрави бидејќи имаат целосна слобода која ги доближува до нивниот „природен” начин на живот. Се хранат со житарки по свој избор, а јајцата кои ги несат не содржат бои кои често се додаваат во храната на кокошките одгледувани во кафези за да се прикрие лошиот квалитет на жолчката, посочува водичот и додава дека на јајцата треба да стои потеклото, видот и локацијата на фармата каде што се произведени, ознаки кои воопшто не се лесни за разбирање.

Повеќе овошје и зеленчук, повеќе интегрални производи, помалку месо и шеќер, разновидна храна – се предлозите за здрава и избалансирана исхрана.

 Прирачникот на Слоу фуд е поделен во училиштата каде што се веќе одржани предавања на оваа тема, а може да го добие и секој што учествува на активностите на здружението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top