| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа-Милевска во посета на македонското атеље во Меѓународниот град на уметностите во Париз

Mинистерката за култура Елизабета Канческа–Милевска, која престојува во работна посета на Париз, вчера го посети македонското атеље во Меѓународниот град на уметностите каде оствари работна средба со генералниот директор, Жан Ив Лангле.

На средбата, соопшти Министерството за култура, Канческа-Милевска изрази благодарност до Лангле за досегашната успешна соработка во чии рамки веќе 12 години повеќе од 100 реномирани македонски ликовни и музички уметници со поддршка на Министерството реализираат двомесечен студиски престој во Меѓународниот град на уметностите.

Таа додаде дека благодарение на Договорот кој Министерството за култура на Република Македонија во 2002 година го потпиша со Меѓународниот град на уметности, уште многу македонски уметници до 2060 година, ќе имаат можност да се претстават во македонското ателје, и на тој начин да дадат свој придонес во континуираното присуство на македонската уметност во овој голем меѓународен културен центар.

Лангле, кој на покана на министерката за култура во наредниот период ќе ја посети Република Македонија, истакна дека Меѓународниот град на уметностите е отворен за секаков вид соработка не само во областа на ликовната и музичката дејност туку и во останатите дејности од областа на визуелните уметности, креативните уметности, модниот дизајн, фотографијата и мултимедијалните уметности.

Во разговорот, стои во соопштението, тој иницираше формирање мрежа за соработка меѓу институциите од различни области на културата во Република Македонија, каде преку научно истражувачка работа уметниците ќе придонесат во креирањето на нови техники и технологии во уметноста.

Во македонското ателје, Канческа-Милевска и Лангле ја погледнаа и изложбата на реномираниот македонски ликовен уметник Ѓорѓи Чулаковски – Ѓото, кој во моментов, со поддршка на Министерството за култура, остварува двомесечен судиски престој во Париз.

Министерката Канческа-Милевска вечер во Театарот Ле Палас во Париз ќе присуствува на изведбата на современата балетска претстава „14 часа“ во изведба на ансамблот на Македонската опера и балет, а претходно ќе го отвори јубилејното, петто по ред, издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа „SEE a Paris”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top