Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 март.
Денеска е Велика Сабота.
Својата проповед за небесното царство, т.е. за блажениот, спокоен и радосен живот, Христос ја започна на свои 30 години и проповедаше 3 години. Но, како Бог тој не замолкна како што секој човек замолкнува со својата смрт, туку и вистински мртов како човек продолжуваше да проповеда на оние што од почетокот на времето и човечкиот род умреа од бодилото на смртта. Велика Сабота е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение.
Велика Сабота
Некои, саботата пред празникот, наречена Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат. Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат. На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.