| четврток, 6 декември 2018 |

Милан Бандиќ пуштен дома

bandicУставниот суд на Хрватска денеска му го укина истражниот затвор на загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ, кој во затворот Реметинец беше вратен на 10 март, откако се прошири истрагата за случајот Аграм. Усвојувајќи ја уставната тужба на Бандиќ, Уставниот суд укина три решенија на загрепскиот Жупаниски суд, што беа донесени во март годинава.

Во аферата Аграм Бандиќ е осомничен дека го оштетил градот Загреб, со кој управува 12 години, но и дека со неплаќање данок на донации примени во неговата претседателска кампања во 2010 година го оштетил државниот буџет. Вкупната „штета“ обвинителството ја процени на околу 20 милиони куни.

Истрагата против Бандиќ беше проширена откако Вида Демарин, како претседателка на управниот совет на Загрепската фондација за помош на лицата заболени од цереброваскуларни болести, на истражните органи им раскажала дека Бандиќ во два наврата ја наговарал да го смени својот исказ и да потпише документ со невистинита соддржина.

Кон средината на февруари против Бандиќ беше покренато и обвинение со кое се товари дека со двајца други обвинети од здружението „Во име на семејството“, при собирањето потписи за распишување на референдумот „ Да ги бираме пратениците со име и презиме“ се стекнал со незаконска корист од најмалку 308.000 куни. Но, загрепскиот суд ова обвинение му го врати на обвинителството на доработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top