Светската кошаркарска федерација (ФИБА) отворено влезе во пресметка со челниците на АБА-лига откако беше обелоденето дека ќе формира меѓународна кошаркарска лига составена од поранешните југословенски републики. Ваквата иницијатива доаѓа еден месец по одлуката дека не ја признава легитимноста на АБА-лигата. Иницијативата предвидува формирање на ваква лига уште ова лето, а од септември да се почне со натпреварите.
Истото натпреварување треба да биде контролирано од ФИБА, но потпомогнато од страна на матичните федерации на сите шест поранешни републики, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија. Со оваа одлука ФИБА ги презема сите организации под своја капа и ќе одлучи кои тимови од овие земји ќе учествуваат.
Имено, информациите велат дека светската куќа на кошарката веќе испратила ултимативни писма, во кои јасно се става до знаење дека нема да се толерира „непослушност“, а генералниот секретар, Патрик Бауман, нагласи дека доколку клубовите решат да не учествуваат во неа, последици ќе сносат матичните федерации, па дури и кошаркарските репрезентации кои би можеле да бидат суспендирани.
Сѐ уште нема никакви информации во каков формат ќе биде формирана новата лига и бројот на учесници, но се очекува во блиска иднина да се свика состанок за да се договорат сите детали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.