| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Секој коридор што поврзува е пат до мирот

BELGIUM-EU-FUELE-IVANOV

Современиот пат на свилата нема да доведе само до економски напредок, туку ќе придонесе за поврзување на државите и економиите и повторно создавање отворен простор во кој ќе живеат луѓе со отворен ум. Патот на свилата, како и секој друг коридор што поврзува, треба да биде нашиот пат до мирот. Тоа го порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето на претседателската сесија „Патот до мирот: Каде оди хуманоста“, што се одржа денеска во Истанбул во рамки на 18. Евроазиски економски форум.

Иванов ја потенцираше важноста од инфраструктурна поврзаност, како и важноста на економските и културните придобивки кои произлегуваат од поврзаноста меѓу државите. – Денес, одново учиме две големи лекции, прво, дека човекот е предодреден да комуницира, да соработува и да разменува духовни, интелектуални и материјални вредности и второ, капиталот е како вода. А знаеме дека водата никогаш не се движи по нагорница, и го претпочита патот на помал отпор. Ова е особено точно во нашата ера на големи предизвици, време на забрзана глобална трка за конкурентност – рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател пред присутните истакна дека денес граѓаните ја мерат успешноста на сопствените влади според бројот на странски инвестиции, бројот на работни места и квалитетот на животот. Затоа, рече тој, владите во светот ја научија важноста на економијата, на соработката и партнерството со бизнис-заедниците.- Државите ја научија важноста од регионалните инфраструктурни и енергетски проекти – порача шефот на државата.

Зборувајќи за македонската економија, претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија го прифатила предизвикот дека бизнисмените се најзначајните двигатели на глобализацијата и нејзини најгласни промотори.

– Преку постојани реформи го израмнуваме патот за проток на капиталот. Ги намаливме и ги израмнивме даноците, ги избалансиравме јавните финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме повеќето правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори. Верувам дека веќе ги знаете високите оценки за македонската економија – нагласи македонскиот претседател.

Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и e призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.

 На маргините на 18. Евроазиски економски самит, претседателот Иванов оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј I. Размениле мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес‎и и за актуелностите поврзани со нашата црква.

Македонскиот претседател му честита  на Вселенскиот патријарх за неговите активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и за таа цел ги поздрави неговите контакти со Папата Франциск, но и со другите религиски водачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top