Додека некој држи прес-конференции, ние во неколку недели, во неколку тимови посетивме 400 села и 400 месни заедници низ Македонија, затоа што сакаме да ги чуеме луѓето и нивните пофалби и критики и да им помогнеме, изјави пратеникот Влатко Ѓорчев, на вчерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во општина Виница.
– Оние кои што почнаа една деструктивна игра против македонските интереси, пред два месеци рекоа кога ние ќе излеземе за три дена ќе падне Владата, но поминаа три дена, поминаа 13 дена, поминаа 23, 33, 43, 53 дена, еве поминаа и 63 дена откако почнаа со тоа што го почнаа. Владата не паѓа, затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ стојат зад македонската влада, така и ќе остане. Владата е во сигурни раце во Собранието на Р.М. – изјави Ѓорчев.
Според него, земјата е во сигурни раце, а Никола Груевски останува премиер на Република Македонија, затоа што народот стои позади него.
На овие посети и средби, вели Ѓорчев, граѓаните се интересирале за вработувања, намалување на цените на лековите, зголемување на пензиите…
– Секојдневно се бараат инвестиции. За разлика од оној период во 90-тите кога не се отвори ниту една фабрика во Македонија. Јас не се сеќавам Бранко Црвенковски, или било кој од СДСМ да најави некоја фабрика, да потпишал договор за некоја фабрика, а камоли да отворил некоја фабрика. Ние сега имаме ситуација каде што во непосредна близина на Виница веќе поголем број на луѓе, околу 150, работат во „Амфенол“, таму ќе има 2.000 вработувања. Овие фабрики кои што ги носиме низ цела Македонија, вклучувајќи го и регионот на Кочани и Виница, ја зголемуваат и цената на работната рака, ги зголемуваат платите и на веќе вработените – рече Ѓорчев.
Осврнувајќи се кон обвинувањата дека нема слобода и нема демократија, Ѓорчев запраша кога во Македонија имало повеќе медиуми, телевизии, весници, интернет портали, кога имало повеќе контактни емисии на телевизии и на радио, на кои кој сака може да се јави во програма и да каже што сака?
– Кога во Македонија имало повеќе слобода и демократија, зарем имало повеќе кога имаше една телевизија и еден или два весници. Ние кога дојдовме 2006 година имаше 16 отсто интернет корисници, сега имаме 75 отсто, речиси и да нема домаќинство каде што нема интернет, а таму може се што се сака да се прочита, што значи во тој дел исто така паѓаат нивните тези… Ако успеат во нивната намера да ја свиткаат кичмата на македонската држава, ако успеат во нивната намера да ја соборат Владата, но нема да им го дозволиме тоа, тогаш верувајте ми, источна Македонија и тоа како има што да загуби. Нема да се реализираат автопатите за кои што секојдневно зборуваме, ќе се укинат субвенциите во аграрот, нема да се зголемат пензиите, нема да се реконструираат болниците, нема да се изградат салите кои во моментов се градат – додаде Ѓорчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Влатко Ѓорчев: Ова е почеток на борбата за Македонија, утре во 18 часот пред Кривичниот суд
-
Ѓорчев во Виена: Средби со високи претставници од Австрија и САД
-
Ѓорчев: Вчера ни се случија нерегуларни и насилнички избори, а за тоа има фото и видео докази
-
Ѓорчев: Исплашени од поразот, СДС и Заев прават беззаконие, со упадите во општините