Француската телевизија „ТВ5 Монд“ соопшти дека била цел на хакерски напад на Исламска држава. Тие наведуваат дека им биле нападнати нивните ТВ-канали, веб-сајтови, профилите на „Твитер“ и на „Фејсбук“, јави МИА.
„Јас сум ИСИС“ беше пораката која ја открија следбениците на ТВ5 најпрво на профилот на „Твитер“, а потоа и на „Фејсбук“. На фотографијата маскирано лице, со црното знаме на Даеи со натписот „Кибер-Калифат“.
Речиси во исто време беше прекината и програмата на телевизијата.
Според специјалистите, нападот почнал околу 22 часот, при што на сите 11 канали на кабелската телевизија бил пуштен црн екран.
Хакерите објавиле и порака со закани за припадниците на француската армија, како и лични документи на нивни блиски.
Во пораките е испратено и обвинение до францускиот претседател Франсоа Оланд дека го направил „тоа што не може да се прости“ водејќи „војна која не служи за ништо“.
Техничките екипи на телевизијата веќе ја презедоа контролата над социјалните мрежи и веб-страниците, а нормализација на ситуацијата се очекува во наредните денови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.