| четврток, 6 декември 2018 |

Министерката за култура Канческа-Милевска се сретна со амбасадорот на САД

Министерката за култура на средбата информираше дека меѓународната соработка е високорангирана во приоритетите на Министерството за култура и во тој контекст, во изминатиот период, со многубројни активности, македонските културни вредности беа претставени на американскиот континент

unnamed

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска оствари работна средба со Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија. На средбата, двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија и САД имаат одлични културни врски, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата.

Канческа-Милевска се заблагодари за огромната поддршка што Амбасадата на САД во Република Македонија, преку Амбасадорскиот фонд, ја дава за заштитата на културното наследство и изрази уверување дека македонско-американското партнерство и понатаму ќе претставува инспиративен пример за успешна соработка во полза на културата и нејзините вредности. Министерката за култура потсети дека од 2001 година, од Амбасадорскиот фонд се издвоени над еден милион долари за реализација на 12 проекти со кои се изврши конзервација и реставрација на значајни споменици на културата, меѓу кои и грантот за реставрација на фреските и конзервација на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид што се очекува да биде реализиран до крајот на годинава, а во Кратово е во тек проектот за ентериерно уредување на Златковата кула.

Од особена важност за афирмацијата на културата на САД во нашата земја, но и за промоцијата на македонските културни вредности на американскиот континет, е соработката меѓу институците од областа на културата од двете земји.

unnamed (1)

Годинава во Народниот театар во Битола, во рамките на третиот „Битола Шекспир фестивал“, ќе биде одиграна претстава во режија на Џон Блондел од САД.

Соговорниците го поздравија и долгогодишното функционирање на американските катчиња во Скопје, Битола и во Тетово, каде што секојдневно се реализираат голем број активности кои се потврда за трајното партнерство и искреното пријателство меѓу македонскиот и американскиот народ. Исто така, беше нагласена и соработката меѓу двете земји во областа на кинематографијата, при што во изминатиот период голем број македонски филмови беа презентирани на фестивалите во САД, а се реализираа и неколку копродукции во соработка со американски филмски компании.

Министерката за култура на средбата информираше дека меѓународната соработка е високо рангирана во приоритетите на Министерството за култура и во тој контекст, во изминатиот период, со многубројни активности, македонските културни вредности беа претставени на американскиот континент.

Канческа-Милевска подвлече дека за македонските уметници, од особена важност е и претставувањето во Македонскиот културен центар во Њујорк, каде што тие добиваат можност за презентација на своето творештво во една од најважните светски културни метрополи, но и можност за воспоставување контакти со сродните институции од САД. Од активностите што ги поддржа Министерството за култура во својата програма, во 2015 година е превиден настап на Дуке Бојаџиев со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк, во рамките на Деновите на македонската култура на кои ќе бидат претставени и други содржини.

Исто така, за 2015 година, меѓу другото, Министерството за култура ја поддржа и реализацијата на самостојната изложба на Решат Амети во галеријата „ТАИ“ во Њујорк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top