Црна Гора е лидер во регионот според обемот на странски инвестиции, изјави директорот на црногорската Агенција за промоција на инвестициите, Милош Јовановиќ.
Во изјава за весникот „Пословни дневник“, Јовановиќ нагласува дека во последните осум години обемот на странски инвестиции во Црна Гора достигнал 5,5 милијарди евра.
– Деновиве очекуваме доаѓање на три компании од Катар, Јордан и од САД. Станува збор за фирми што се занимаваат со туризам, нафта и информациска технологија, кои имаат милионски профити и им одговара нашата ниска стапка на данок на профит од девет отсто – вели Јовановиќ.
Според податоците на Црногорскиот завод за статиситка (Монстат) во 2012 година, нивото на странски инвестиции во Црна Гора изнесувало 435,6 милиони евра, а во 2013 – 485,3 милиони евра.
Само во црногорскиот градежен сектор во 2012 година биле инвестирани 247 милиони евра, а во 2013 година – 264 милиони, што претставува раст од 11,2 отсто на годишно ниво.
Според пописот на населението, пред четири години во Црна Гора имало околу 194.000 домаќинства и над 316.000 станови, од кои околу 58.000 се празни, со што во нив стои заробен „мртов капитал“ од три милијарди евра, наведува „Пословни дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.