Љупка Џундева (1934) е олицетворение на театарската уметност кај нас, која со своите впечатливи улоги и на филмот, телевизијата и на радиото во текот на изминатите 60 години остави неизбришлива трага во македонската уметност и култура. Ја паметиме како Наталија, Силвија, Коломба, Порција, Розалинда, но и како Мира во „Мирно лето“, потоа Гина во „Македонска крвава свадба“, Љуба во првиот македонски филм „Фросина“.
– „Мирно лето“ е нашиот менталитет. Но, тоа не е толку лошо – вели Џундева за првата македонска комедија снимена во 1961 година.
По театарските претстави „Три сестри“, „Галеб“, „Иванов“ и во телевизиската драма „Мечка“, доајенката на македонското актерство Џундева неодамна, во деветтата деценија од животот имаше премиера со „Вујко Вања“ на сцената на возобновениот Македонски народен театар (МНТ).
Џундева има импресивна биографија. Таа беше редовен член на ансамблот во МНТ од 1951 година, до пензионирањето во 1990 година. Има богата кариера и на телевизија и во радио, а е активна и по пензионирањето. Последна претстава, пред „Вујко Вања“, во која таа настапи беше „Опасни врски“ во МНТ, во објектот „Центар“. Не пропушта театарска претстава, ниту, пак, музички концерт. Милица Стојанова ѝ е најдобра другарка и се радува што и таа имаше големо враќање на сцената со претставата „Алма Малер“ во МНТ.
– Знаете како работевме, како снимавме тогаш? Од проба одиш на снимање, ако немаш снимање одиш на претстава. По претстава, те чека комби и одиш да снимаш. Кога сме биле болни или ако имаш некоја несреќа во семејството, сето тоа го тргнуваш настрана и продолжуваш да работиш. Многу сме сакале да работиме. Не велам дека децата денеска не сакаат да работат. Често си разговараме со Милица за работата и си велиме: многу сме биле инаетчики, за сѐ сме велеле можам. Не дозволувам да нѐ прегази времето – вели Џундева.
Сите комплименти за Вас за улогата на Марија Тимофеевна во „Вујко Вања“. По пауза од една деценија, повторно сте на сцена. Како се снајдовте, дали беше тешко да се учи текстот, да се доаѓа на проби?
ЏУНДЕВА: Не, не ми беше тешко. Јас почувствував големо задоволство и радост што учествувам во една прекрасна драма на Чехов, „Вујко Вања“ и работев со млада режисерка Зоја Бузалковска и со прекрасна екипа. Долгото неиграње на сцената не остави последици, но бев многу желна да застанам на сцената. И тоа токму на сцената на новиот театар, кој долго време го чекавме да се изгради. Така што ми беше многу драго кога ме викнаа да играм во претставата.
Што сакате Вие да гледате денес во театар? Како ви поминува времето?
ЏУНДЕВА: Многумина велат дека имаат многу време, а јас, пак, немам. Постојано сум зафатена со нешто. Сакам да ги гледам претставите во театар, да бидам до кај сме, кои дела се поставуваат, како играат младите колеги, но и тие од средната генерација. Го следам целиот културен живот. Ако не сум дошла на некоја претстава, тоа значи дека, навистина, сум била спречена и не сум можела да присуствувам. Целиот живот го поминав во театарот. Цел живот работев нешто што го сакав. Мене никој не ме натера со сила да бидам актерка. Не е лесно да се биде актер, како што мислат многумина, ќе дојдеш, ќе се смееш, не е така. Има и стресни ситуации.
Дали жалите за нешто во Вашата кариера?
ЏУНДЕВА: Ми се чини дека жалам што немаше модерен, авангарден театар кога бев млада. Многу доцна во нашиот театар почнаа да се поставуваат такви дела. Мислам дека правење репертоар е многу сериозна работа. Потребно е многу добро да се познаваат артистите и колективот. Со квалитетно одбрани дела, актерите ќе растат во своите уметнички дострели.
Убавите луѓе убаво стареат и тоа се однесува и на Вас…
ЏУНДЕВА: Годините носат смиреност. Човек мора и покрај сите тешкотии што ги доживува во животот – смрт, болест на некој најблизок во семејството, да сфати, да го најде мирот во себе и да се труди да биде подобар човек.
Во кои години се живееше најубаво?
ЏУНДЕВА: Сѐ додека си способен сам да размислуваш, да живееш активно, да не зависиш од никого, да можеш сите работи сам да ги вршиш, да не ти треба никој за да одиш во театар, на концерт, кај пријатели, да можеш да им помогнеш на децата и на некој друг кому му е потребна помош, тоа е тоа што треба да го цени човекот. Инаку, нормално е младите години да бидат најубави. Средните години си носат своја убавина, тогаш си позрел. Секое време си носи своја убавина. Човек на треба да жали за годините. Треба да го најде својот мир.
Има ли вистина во тоа дека сѐ поминува и дека треба да бидеме стрпливи? Сите несреќи поминуваат, како и среќата кога доаѓа?
ЏУНДЕВА: Несреќите поминуваат, но, всушност, тие не поминуваат. Ние, луѓето ги носиме во себе и живееме со нив. Просто, живееме со нив. Тие оставаат траги, тоа е во нас. Секој на свој начин треба да го најде својот мир.
Дали љубовта е доволна за животот да биде среќен, апсолутно, во секој момент?
ЏУНДЕВА: Никогаш човекот не може да биде среќен во секој момент. Човек треба да научи да ужива во тоа што го има во тој момент. Да не биде зол и огорчен. Има луѓе што имаат сѐ, па не знаат да живеат. Не знаат да се радуваат на малку. Доволно е да видите убав пејзаж, слика, концерт, претстава. Има ли нешто подобро од тоа? Тука има среќа.
Што би сакале да им порачате на денешните генерации, на тие млади луѓе, кои животот допрва треба да ги научи некои лекции?
ЏУНДЕВА: Секогаш времињата биле тешки, но порано имаше поголема сигурност. Сигурност во живеењето, во работата, сигурност дека некој нема да те нападне. Ми се чини дека имавме повеќе идеали, имавме повеќе верба во животот. Денес младите актери ќе го задржат достоинството ако работат повеќе, нашите телевизии ако снимаат добри серии и ТВ-драми. Не може една национална телевизија да нема своја продукција.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со актерката Љупка Џундева е објавено во 134. број на неделникот Република, 27.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.