Трчањето по амбасадорски став за секоја општествена појава во независна Македонија беше алатка за потврда на исправноста на секој чекор на власта во времето на владеење на актуелната опозиција. Речиси немаше одлука, која пред да биде донесена од власта, за која преку медиумите не се изјаснуваа американскиот и европскиот амбасадор, челниците на НАТО и на ОБСЕ, па следуваа ставовите на холандската, британската, француската амбасада. Не случајно во тоа време амбасадорите ги нарекуваа гувернанти и гувернери на Македонија.
Всушност, не секогаш вината за тоа колку некој „коментира“ внатрешни состојби е вина на дипломатот колку што е последица на отстапениот простор од домаќинот. Дипломати со искуства, за споредба меѓу мисиите во Македонија и во други европски држави, знаеја, во неврзан разговор, да посочат дека само во Македонија имаат одврзани раце да коментираат што сакаат, каде сакаат, колку сакаат и дека дури нема ниту временска граница за тоа колку ќе траат приемите кај претставници од власта.
„Отвореноста“, која во овој случај не оддава сериозност на една суверена држава, полека во овие неколку години беше „подзатворена“, што, пак, со редовната смена на дипломатските претставници направи работите да бидат како и во секоја друга нормална земја. Секако, „најфрапирани од индиферентноста“ на странските дипломати беа новинарите и општествените работници што во секој миг се подготвени да исценираат случување кое треба да наиде на осуда од дипломатите.
Амбасадорски маки големи
Колку и да се толкува различно, вака пренесените „вести“ во една нормална средина може да одат, прво, на штета на амбасадорскиот углед, а потоа и на дел од новинарите и уредниците кои, во обид да одбранат определена политичка теза, влегуваат во опасна игра на повторно воспоставување гувернери и гувернанти, чијшто став треба да се земе како апсолутна вистина.
Актуелната исценирана ситуација во Македонија деновиве повторно ги вклучи микрофоните пред амбасадорите. Но, наместо содржина, проопозициските медиуми со ист финансиски извор оркестрирано воскликнаа дека „амбасадорот се насмеал“, прашан за коментар за определен сегмент од македонското општество.
Рака на срце, дел од медиумите што зрачат во Македонија никогаш и не се откажале од трчањето по информации од амбасади. За волја на вистината, амбасадите и ги демантираа нивните пренесени написи како извадени од контекст или, пак, пренесени информации со поинакво толкување. Ако една амбасада во Скопје требаше да праќа соопштение во кое наведува дека се неточни објавените наводи „дека ќе одземе издадени визи“, од истите уредници амбасадорот на таа земја сега е ставен во ситуација да „даде автентично толкување“ за тоа „зошто се насмеал“. Сепак, по сѐ изгледа дека дипломатијата одлучила да стави крај на можноста за „бескраен круг“.
Тоа што дипломатскиот кор го има предвид, а го знаат и новинарите-уредници, е дека Македонија не е истата од 2001 година. Република Македонија е суверена држава, кандидат за членство во ЕУ и во НАТО, држава која шест години ги има исполнети сите предуслови за влез во Европската унија. Во таква држава еден дипломат не може да си дозволи мешање во внатрешните работи, особено не во давање оценки кои безмалку би биле паушални и со оставена можност за злоупотреба на амбасадорските зборови.
Вториот момент што виси над членовите на дипломатскиот кор е судскиот процес за афера која ја тресе државата, афера која во себе вклучува токму странска интервенција – поточно странски служби. Според сведоците и доказите, во претстојниот судски процес веќе се наведени и странски државници и титули, па секое дополнително „замрсување“ на приказната со изјави кои би оделе на едната или на другата страна во дневнополитичката битка меѓу партиите од власта и опозицијата само би било изложување на опасност на дипломатот за обвинувања за „заземање страна“.

Амбасадори во домашни матни игри
Не е непознато дека амбасадорите како претставници на државната политика исполнуваат агенди на матичната држава таму каде што се испратени. Не така одамна во еден странски случај на прислушување бевме сведоци како американскиот амбасадор во Киев добива наредба од надредена личност да не ги „ферма“ европските интереси во Украина. За украинските интереси, пак, воопшто не се ни размислува.
Од истражната постапка, пак, во македонскиот случај, повторно се спомнува амбасадор. И тоа во писмо во кое и лидерот на опозицијата ја потврди неговата автентичност.
Зоран Заев своерачно му пишува на Зоран Верушевски како странски амбасадор и премиер се вмешани во прислушувањето и во „бомбите“.
„Работата која ја чекаме од пријателите од надвор … е завршена. Сите детали се прецизирани. Многу сум среќен поради тоа, затоа што и амбасадорот, но и јас вклучивме луѓе на многу високи позиции од партијата на премиерот … (овде е напишана првата буква од името на премиерот, не се открива за кој или чиј премиер станува збор) кои се токму на општeствени позиции врзани за проблематиката којашто ја разработуваме јас и Вие“, му пишува Заев на Верушевски.
Писмото било испратено во јануари. Следуваше аферата „Пуч“, паралелно со незаконските објавувања на добиените материјали, за потоа да дојде на ред и „потерата“ од медиумите блиски на опозицијата по дипломатски оценки. Сето тоа, како што претпоставува странската агенда, на домашниот соработник требаше да му помогне во предизвикување судир во кој ќе се втурне државата, а на помош ќе дојдат странци.
Суверена држава, не квислиншка творба
Неодамна, од Битола, премиерот Никола Груевски порача дека Македонија е суверена држава, не квислиншка творба.
– Република Македонија е суверена држава, а не квислиншка творба. Нејзините политичари мора да ги почитуваат интересите на сопствениот народ и држава. На сите нејзини жители. Секој мора да ги уважува Уставот и законите на државата. Секој мора да го почитува народот. И внатре и надвор. Без оглед кој колку е моќен или не. Колку е голем или не. На овие теми, ние немаме точка на топење. Во прашање е нашиот опстанок, нашите права на постоење, слобода и избор – посочи Груевски.
– Поклониците на марионетската политика бараат поводи за да се доберат до власта. Велам доберат, оти тие повеќе не можат да ја освојат мнозинската доверба на граѓаните на легален и демократски начин преку избори. Затоа ниту едни не им чинат. Што мислат тие за државата Македонија слушавме и гледаме постојано. Веќе не признаваат ни изборна волја, ни мнозинство, ни закони, ни Устав, ни државни институции. Единствено што признаваат и бараат е странска интервенција. Ме чуди тоа што своите намери не ги ни кријат повеќе, макар од срам. Изгледа го немаат. Човек кој не се срами, нема ни совест, ни етика, ни морал. За чест не ни говорам. Затоа, ете нѐ среде демонстрација на вулгарно бесчестие кое сакаат да ни го продадат како борба за слобода и за демократија. Ни ја претворија Македонија во едно вулгарно реално шоу со кое се забавуваат сеирџии и профитери од надвор, но и нивните марионети во водството на СДСМ – додаде Груевски.
Тоа што, всушност, изостана, во што „се пресметаа“ спонзорите на ваквата ситуација во Македонија, е токму – сувереноста. А, суверенитетот во Македонија лежи во народот. Народот во Република Македонија ја доделува и одзема власта во зависност од тоа кому му верува. Странските амбасадори доволно добро знаат дека во Македонија токму сувереноста на народот е таа која казнува некого да седи во опозиција додека не си го најде вистинскиот пат. Мешањето во внатрешните работи, пак, кое некогаш беа одлика на една политичка опција, сега само ја зацврстува силината на тој суверенитет.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 134. број на неделникот „Република“, 27.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


