| четврток, 6 декември 2018 |

Нови шест автори ќе престојуваат во Скопје во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа

unnamed Mеѓународното жири ги избра новите шест автори кои што годинава ќе престојуваат во Скопје, во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки и градот Скопје. Тоа се поетесата Дениса Дуран од Романија, воедно и организатор на книжевни фестивали и преведувачка, меѓу нив и на Никола Маџиров, есеистот, писател и преведувач, Јулијан Кинети од Албанија, соработник во култното поетско списание Поетека и ко-организатор на истоимениот меѓународен фестивал во Тирана, поетот Дејан Матиќ од Србија, романсиерот Роберт Перишиќ од Хрватска, преведен и во Македонија, потоа, еден од најчитаните сараевски колумнисти и писатели, Ахмед Буриќ и младата преведувачка и македонистка Лара Миховиловиќ од Словенија. Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец во текот на оваа година запознавајќи се со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје продлабочувајчи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавни настани ќе и бидат претставени во Скопје и во други градови од земјата. На отворениот повик се јавија дури осумдесет и пет автори од регионот, што е доказ за одличното реноме на проектот и доказ дека Македонија е интересна земја за авторите од регионот и ја потврдува потребата од постоење на ваква резиденцијална програма. Од биографиите и писмата на интерес може да се заклучи дека меѓу авторите доминираат оние кои веќе имаат добра соработка со македонските издавачи и автори, потоа книжевници кои по разни поводи престојувале кратко во Македонија и тоа им останало во добро сеќавање, но и автори кои сакаа да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена. Во текот на април во Скопје ќе престојува Дејан Матиќ, еден од најпреведуваните поети од средната генерација. Автор е на неколку книги поезија и добитник на националната награда „Мирослав Антиќ“. Основач и главен уредник е на книжевното списание „Треќи трг“, каде што има објавено и многумина македонски поети. Организатор е на меѓународниот фестивал на книгата и поезијата „Тргни се! Поезија!“ во Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top