| четврток, 6 декември 2018 |

Mатематиката нема да е задолжителна за полагање

Предметот математика да не биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје.

Ова е договорено на денешната средба на претставници на Унијата на средношколците со раководството на Министерството за образование и наука поврзана со последните измени во процесот на полагањето на државната матура, како процес на верификација на стекнатото знаење во средното образование и предуслов за продолжување во високо образование.

– По подолга дебата, се постигна согласност предметот математика да не биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје. За гимназијалците коишто го одбрале општествено – хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик, односно ќе се полага само доколку ученикот го одбере, согласно личната волја, убедување и афинитети. За гимназијалците коишто го одбрале јазично – уметничкото подрачје, задолжителни предмети ќе бидат мајчиниот и странскиот јазик, се вели во соопштението од МОН.

На средбата, како што се наведува, се постигна и согласност, според која Министерството во следниот период ќе достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритет во уписните политики, односно селекцијата, да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика.

Дополнително, од факултетите во областа на техничките науки, ќе биде побарано да ја разгледаат и можноста за стипендирање на кандидатите коишто во текот на средното образование оствариле високи постигања поврзани со математичките знаења.

– Министерството за образование и наука цени дека соработката со сите општествени чинители и засегнати страни е од суштинско значење кога е во прашање унапредувањето на воспитно – образовниот процес на учениците. Во таа насока, отвореноста за соработка и почитувањето на нивните најдобри интереси и понатаму ќе бидат основни принципи при креирањето на образовните политики, стои во соопштението на МОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top