| четврток, 6 декември 2018 |

Почина писателот Василевски

ivanvasilevskiДруштвото на писателите на Македонија соопштува дека во Струмица, по долго боледување, почина истакнатиот македонски писател Иван Василевски.

Посмртните останки на Василевски ќе бидат погребани утре, во Струмица.

Иван Василевски е роден во селото Босилово, Струмичко, во 1947 година. Работеше како новинар во Македонското радио и во Македонската информативна агенција. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1991 година.

Иван Василевски зад себе остави богат и разновиден опус. Автор е на книгите: „Привев во тишината“, „Црнорисци“, „Куќа на ѕвездите“, „Заточени души“, „Утки“ (збирки поезија) и „Наташа“, „Поеми за тишината“, „Потомците на Чрт“ и „Одмеѓување на светот“ (поеми). Автор е на романот „Антон Хлебец“, на драмата „Лоза“ и на повеќе монографски и медијавистички изданија.

За своето творештво Иван Василевски е добитник на високи книжевни признанија, меѓу кои и наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра стихозбирка на годината, наградата „Григор Прличев“, за најдобра поема, и на наградата „Дијалог“.

Иван Василевски беше активен член во работните тела на Друштвото на писателите на Македонија. Во два мандата беше член на Претседателството на ДПМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top