| четврток, 6 декември 2018 |

Медицината пред предизвик: како да се справи со алергиските болести

alergy-450x349

Светската здравствена организација алергиите ги прогласи за болест на 21 век. Ваквиот пораст на алергиските болести можеби се должи на поголемата свест на лекарите што навреме ги препознаваат алергиските болести, на поголемата едуцираност на пациентите за постоењето на овие болести, на поголемото аеро-загадување со таканаречените „нови” загадувачи (озон, азотен моноксид и партикуларни честички), на начинот на исхрана (сè повеќе конзервирана и полуготова или генетички модифицирана храна) и др.

Постојат повеќе ризик-фактори за настанувањето на алергиските болести, како што се: генетичка предиспозиција, вирусните инфекции, пушењето и исхраната. Појавата на астма е почеста кај децата отколку кај возрасните. Лонгитудиналните студии укажуваат на тоа дека децата што боледуваат од лесни форми на астмаимаат голема шанса да станат асимптоматски во пубертетот, додека, пак, оние со потешки форми да ги задржат симптомите до крајот на животот.

Луѓето што пушат имаат повисоки концентрации на имуноглобулини од класата Е, кои се одговорни за настанувањето на алергиски болести, отколку непушачите.Пушењето е главен ризик-фактор за појавата на бронхијална пречувствителност, која е основна карактеристика на астмата. Децата чии мајки пушеле за време на бременоста, имаат намалена белодробна функција и почесто развиваат опструктивна болест во детството отколку децата чии мајки не пушеле во текот на бременоста.

Алергијата на храна, особено на млеко, јајца и на риба е честа во детството, а сè повеќе и возрасните развиваат пречувствителност кон некои прехранбени продукти. Избегнувањето на алергогената храна во раната детска возраст може во голема мера да го одложи или да го спречи настанувањето на алергијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top