Слаткиот компир или бататот се одгледува поради кртолите, кои се користат во исхраната на луѓето. Плодовите на бататот се со жолта, портокалова и со црвена боја, а за јадење најдобро е да се приготви како компирот. Тие корења можат да се готват, пржат или да се мелат за да се добие брашно. Младите листови се приготвуваат и јадат како спанаќ. Погоден е за приготвување различни десерти (пудинзи, штрудли, пити и др.). Коренот, исто така, може да се јаде во свежа состојба, нелупен, бидејќи кората содржи диетални влакна. Од него се добива и брашно, кое се користи као додаток во лебот и во кондиторските производи. Се употребува и за производство на алкохол, а се преработува и во шеќер. Слаткиот компир се размножува вегетативно, со изданоци што избиваат од кртолите. Тие се отчепуваат кога ќе достигнат височина од 20 сантиметри и се садат на постојано место. Може да се размножува и со гранчиња од стеблото. Постојат повеќе сорти. Според вкусот се делат на две групи: сорти што по печењето имаат ароматичен вкус на тиква и сорти со вкус на костен. Во умерените појаси се одгледува во плодоред.
Основната обработка на почвата се состои од основно орање на длабочина од 30 сантиметри и култивирање на површината. Потоа се одбележуваат местата за садење. Бидејќи формира многу зелена маса и има голем принос, неопходно е ѓубрење со минерални ѓубрива. Се сади подоцна напролет, кога ноќната температура не паѓа под 10 Целзиусови степени, а почвата е доволно топла. Садењето може да биде рачно или со машини. За производство на расад за еден хектар површина се потребни од 400 до 500 килограми кртоли со средна големина.
Кртолите, во просек, содржат вода, протеини, масти, скроб и шеќер, целулоза и минерални материи.
Се нарекува „сладок компир“ иако не е компир. Многу се користи и одгледува во Африка, Азија (Кина) и во Америка, а многу малку во Европа. Во наши услови се одгледува како едногодишна култура. Слаткиот компир е еден од најздравите можни оброци, многу е богат со бета-каротен, облик на витамин А, кој спречува карцином, исто така ги содржи и витамините Ц и Б6, како и калиум, железо и влакна. Најголема вредност е што содржи голема количина бета-каротен (200 грама батат дава иста количина бета–каротен како пет килограми броколи). Количина од само 140 грама комплетно ја задоволува потребата за витамин Е, кој е многу важен бидејќи го штити организмот од срцеви проблеми и од затнување на крвните садови. Антиоксидансите се, исто така, важни за добро функционирање на мозокот. Бататот, исто така, е лек за дијабетичари, односно одлично го регулира нивото на шеќер во крвта.
Според енергетската вредност, слаткиот компир го надминува обичниот за 1,5 пати и во споредба со него по вкус е многу сладок. Неговиот хемиски состав се менува во зависност од реонот на одгледување, односно тој што е одгледуван во потоплите краишта, а особено во тропските, има повеќе шеќер, а помалку скроб. Се употребува и за исхрана на добитокот и тоа вегетативната маса и кртолите што се непогодни за исхрана на човекот. Во одредени земји тој претставува и основна храна. Слаткиот компир е повеќегодишно растение, но се одгледува како едногодишно. И покрај името, слаткиот компир не е близок сродник на компирот (Solanum tuberosum). Тој припаѓа на сосема друга фамилија, т.е. на фамилијата Convolvulacea (повивки), род Ipomоea. Во тропски услови е повеќегодишно растение, додека во суптропските и умерените реони е едногодишно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.