| четврток, 6 декември 2018 |

Доаѓа времето на евтини енергенти

Употребата на поевтин енергент ќе значи поголем профит на компаниите, поголема конкурентност на домашниот производ, подобри услови за водење бизнис, а тоа ќе придонесе и за нови работни места во државата. Користењето на гасот ќе влијае позитивно и во производството на електрична енергија од страна на државните електроцентрали. Нивната модернизација и адаптација ќе значи намалување на трошоците за производство и подобрување на еколошкиот аспект од нивната работа

Евтини место скапи енергенти, помали сметки место сегашните високи за потрошена енергија. Ова е реалната иднина за граѓаните, кои тие ќе ја доживеат со градење на магистралниот гасовод Клечовце – Штип, дел од проектот за изградба на националниот гасоводен систем во Македонија, кој почна да се реализира деновиве. Придобивката за државата, пак, е поконкурентна економија и услови за работење, кои ќе привлечат нови инвеститори, кои, пак, со себе ќе повлечат нови вработувања и повисок економски пораст. Со градењето на овој гасовод Македонија ќе докаже и покаже дека има капацитет да стане и дел од мегапроектот „Турски тек“. Главната траса од гасоводот Клечовце – Штип ќе биде долга 61 километар и ќе чини 75 милиони долари. Парите се обезбедени, 60 милиони долари ќе бидат порамнување на клириншкиот долг со Русија и 15 милиони долари од буџетот. Трасата  ја гради руската компанијата „Стројтранс гас“ и ќе биде готова до јуни в година. Вкупната гасификација, пак, треба да заврши за седум години. Гасификацијата е едно од предизборните ветувањата на Владата, дека ќе биде доведен гас до секој дом. Мрежата ќе се шири на тој начин што оваа делница што се гради ќе му се придружи на постојниот гасовод Крива Паланка – Скопје . Оттаму до Свети Николе, па кон Велес, од Велес до индустриската зона во Штип. Се планираат и делници до Неготино и до Кавадарци, Прилеп, Битола, како и кон Тетово и Гостивар. Државата дополнително ќе гради и второстепена мрежа. Вкупната инвестиција во гасоводната мрежа изнесува 150 милиони евра. За гасификација на скопскиот, источниот и на западниот регион ќе биде изградена мрежа од 650 километри. Со гасоводот, Македонија добива пристап до стратегиски ресурси. Најголемата придобивка ќе ја имаат граѓаните, смета премиерот Груевски.

– Можноста да се користи гас во домаќинствата ќе значи помали сметки за електрична енергија и за греење што директно ќе се одрази на буџетот на граѓаните. Придобивки ќе има и економијата. Употребата на поевтин енергент ќе значи поголем профит на компаниите, поголема конкурентност на домашниот производ, подобри услови за водење бизнис, а тоа ќе придонесе и за нови работни места во државата. Користењето на гасот ќе влијае позитивно и во производството на електрична енергија од страна на државните електроцентрали. Нивната модернизација и адаптација ќе значи намалување на трошоците за производство и подобрување на еколошкиот аспект од нивната работа. Со тоа Македонија ќе добие поевтина и еколошки поприфатлива алтернатива на мазутот и на сличните енергенти што се употребуваат во моментов – рече премиерот Никола Груевски.

ekonomija133-2

Владата проектира во следните седум години да се гасификува цела Македонија. Во фаза е избор на фирма што ќе го работи и скопскиот регион.

– За регионот на Скопје постапката е во завршна фаза и во најскоро време очекувам да се избере компанијата што ќе ја гради дистрибутивната, гасоводна мрежа низ Скопје. Во тек е и постапката за избор на компанија што ќе ја гради второстепената мрежа и во другите региони низ државата – објави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Природниот гас ќе обезбеди и стабилност во снабдување со енергија на државата. Ќе ја раздвижи и градежната оператива, ќе обезбеди нови вработувања, проектот ќе ги зацврсти и економските односи меѓу Македонија и Русија.

– Проект што ќе ја донесе енергијата во секое домаќинство и ќе им овозможи на граѓаните да живеат во подобри услови, ќе овозможи развој и зацврстување на економските деловни и политички односи меѓу Македонија и Русија – оцени Олег Ширјаев, заменик-директорот на „Стројтранс гас“.

– Пониски сметки во домовите, природниот гас како конкурентен енергент е придобивка на целото стопанство, ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија на државата, заштита на околината, а со ова ќе се раздвижи градежната оператива – сметаат стручњаците. Се отвора нова ера во енергетскиот сектор во Македонија со која ќе се подобри квалитетот на живеење на секој граѓанин и ќе биде поттик во зголемување на енергетските индустриски и инвестициски потенцијали.

– Се отвораат нови потенцијали за работа. Има можност со гас да се снабдува источниот дел од земјава, да се забрза индустрискиот развој на тој дел, слободните зони што се таму предвидени ќе добијат поевтин енергент и уште повеќе, тој дел станува атрактивен за странските инвеститори. Сепак доаѓањето на гасот ќе бара примена на нови технологии, кои производителите ќе мора да ги спроведат за да можат да го користат новиот енергент. Што се однесува до граѓаните, нивните сметки за потрошена енергија ќе зависат од тоа колку ќе потрошат, но факт е дека гасот е поевтин од електричната енергија, што, секако, ќе значи и помал трошок – смета професорот во пензија Константин Димитров.

Според Димитров, најголема корист од гасоводот ќе биде заштитата на човековата околина, која ќе биде ослободена од штетните гасови што се емитуваат од користењето на сегашните енергенти, а најмногу дрвото и мазутот, како алтернатива за затоплување.

Енергетичарите се едногласни, секоја земја со скромни ресурси мора да обезбеди пристап до евтини извори на енергија доколку сака нејзината индустрија да создава производи конкурентни на странските пазари.

– Македонија мора да купи енергија и да ја штеди затоа што ја нема и таа што мора да ја купи треба да ја купи на пазарот најевтино за да може производите што ќе ги направи со таа енергија да бидат евтини и конкурентни на пазарот. Овие постулати се применливи во секој енергетски сектор – велат енергетичарите.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 133. број на неделникот „Република“, 20.03.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top