| четврток, 6 декември 2018 |

Таблет компјутерите за студентите ќе го раздвижат ИТ пазарот

tablet

ИКТ компаниите очекуваат зголемување на продажбата на таблет компјутери и развој на дејноста со владиниот проект за доделување 12.000 ваучери од по 8.000 денари на студентите за набавка на вакви уреди. Најавуваат дека за износот на ваучерите студентите ќе добијат квалитетна понуда со избор на таблети од А класа.

Министерството за информатичко општество (МИОА) денеска го објави огласот за компаниите кои сакаат да се вклучат во проектот, а утре ќе биде објавен и повикот за студентите. Може да се пријават фирми од ИТ дејноста кои работеле на пазарот најмалку две години и имаат најмалку тројца вработени.

– Во денешно време кога буџетот на едно македонско семејство првенствено не е наменет за набавка на ИТ опрема оваа акција ќе придонесе за зголемување на продажбата на ИТ опремата, пред се на таблетите како најпопуларни уреди во овој момент кои се потребни за студентите. Очекуваме зголемување на продажбата, добивме информации од Министерството колку се очекува да се продаде во наредниот период, а компаните се подготвуваат да излезат во пресрет на купувачите – изјави Саша Огненовски, претседател на ИКТ комората  при Стопанската комора на Македонија.

Дејан Кимовски, еден од основач на компанијата „Сет компјутери“ оценува дека со набавката на таблетите ќе се придонесе за развој на ИТ индустријата и им се помага на ИТ компаните во државава.

– Студентите ќе имаат голем избор на таблети и ќе можат да си дозволат не само најевтина категорија таблети, туку и од А класата на таблети почнувајќи од асус, ејсер, леново, самсунг, до сумата која ја доделува Владата од 8.000 денари.  Овој чекор на Владата за нас како компанија значи многу затоа што ќе се зголеми продажбата на  таблети што е добро за ИТ индустријат – рече Кимовски.

tablet 2

Според министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски, студентите може да набават таблети од А класа по цени од 4.500 до 8.500 денари, а со доплата и други. Ваучерите за набавка на 12.000 таблети, според Ивановски, за два до три месеци ќе покријат три четвртини од вкупниот пазар со оваа опрема во минатата година.

– Анализата којашто ја направи Владата за цените и таблетите коишто беа најбарани минатата година покажува дека сумата од 8.000  денари е далеку подобра од она што беше најбаран таблет во 2014 година. Од А класа  таблети во 2014  година беа увезени 15.000  таблети, а само со оваа програма којашто ја има Владата планираме да им понудиме 12.000 ваучери на студентите. Тоа значи  дека три четвртини од пазарот што го имаше приватниот сектор во целата 2014 ќе ги спроведеме во два до три  месеци – изјави Ивановски по средба со претставници на ИТ компании.

Ивановски се надева дека со проектот ќе се намалат и цените бидејќи конкуренцијата во економијата ќе се раздвижи, а компаниите ќе понудат поповолни цени и поповолни продукти  за да можат студентите да ги искористат ваучерите во нивниот сектор.

– Се надеваме дека овој сектор ќе продолжи да се развива, тоа е и целта на Владата, да има повеќе вработувања, а со тоа и оние кои ќе ги добијат таблетите еден ден да се вклучат во овој сектор на информатичко комуникациски технологии – рече Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top